Моравјецки: Зеленски е најистакнат лидер на 21 век

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски како бранител на европските вредности.

Зеленски е „голем европски лидер“, „херој“ и „најистакнат лидер на меѓународната сцена во 21 век“, рече Моравјецки за време на церемонијата на доделување на наградата „Карло Велики“ на Зеленски и на украинскиот народ во западниот германски град Ахен.

„Претседателот Зеленски е пример за секој политичар… Руските варварски напади, од друга страна, беа антитеза на слободната Европа што ја бранеше Украина“, рече Моравјецки.

Во својот говор, а во контекст на пристапувањето на Украина во ЕУ како една од најважните цели на Зеленски, Моравјецки го цитираше поранешниот француски министер за надворешни работи и пионер на европското обединување, Роберт Шуман, според кого обединета Европа во принцип мора да биде отворена за секоја демократска европска земја.

Прочитајте и:  Столтенберг: Кина да престане да ја поддржува Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прими наградата „Карло Велики“, доделена нему и на украинскиот народ за нивните напори да се спротивстават на руската инвазија врз нивната земја, опишувајќи ја како „голема чест“.

Обраќајќи им се на присутните, во својот говор Зеленски рече дека стои таму за Украинците кои секојдневно се борат за својата слобода и за вредностите на Европа.

„Секој од нив заслужува да застане овде“, рече Зеленски.

Тој истакна дека Украина не сака ништо повеќе од мир, но тоа, како што рече, може да се постигне само со победа во сегашниот конфликт.

Војната во Украина, исто така, ќе ја реши судбината на Европа, затоа што Русија, која е способна за секаква суровост и злобност, има намера да ја поништи историјата на европското обединување, додаде Зеленски.

Извор: МИА

- Реклама -