Зеленски најави контраофанзива: Посилни сме од пред една година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е уверен во способноста на неговата земја да ја одбие руската инвазија и додаде дека Украина се подготвува за контраофанзива.

Во интервју за „Ал Арабија“ украинскиот претседател призна дека ситуацијата е „предизвикувачка“, но дека неговата земја се зајакнува за борбата.

„Не можам да ја опишам ситуацијата како добра, но ние се бориме. Посилни сме од пред една година“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател ја минимизираше важноста на објавените американски документи поврзани со контраофанзивата, а истовремено изрази уверување во нејзиниот успех, иако не наведе никакви детали.

Зеленски зборуваше и за ситуацијата во градот Бахмут, каде што украинската армија води жестоки битки против руската паравоена формација Вагнер.

И покрај тоа што некои аналитичари велат дека градот има мала стратешка вредност, Зеленски остана на ставот дека Украина нема да се откаже од градот во источна Украина и ги повика аналитичарите „да го посетат градот за да разберат што може да се случи и кои се заканите“.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

„Невозможно е да се откажеме од Бахмут, бидејќи тоа ќе помогне да се прошири борбениот фронт и да им се даде шанса на руските сили и на Вагнер да окупираат повеќе од нашата земја“, рече Зеленски, додавајќи дека ако Русија го преземе Бахмут, тоа може да послужи како отскочна даска за напредување кон два поголеми града во регионот на Доњецк – Краматорск и Славјанск.

МИА

- Реклама -