Русите објавија „тајни планови на САД и НАТО“ за украинската контраофанзива, Киев вели дека се „руска дезинформација“

Тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО да помогнат во подготовката на Украина за пролетна офанзива против Русија се објавени на платформи на социјалните мрежи, објави Њујорк Тајмс.

Документите се објавени на Твитер и Телеграм, а наводно содржат графикони и детали за испораките на оружје, силите на баталјоните и други чувствителни информации, наведува весникот.

Информациите во документите се стари најмалку пет недели, а најновата е датирана од 1 март, се вели во извештајот.

Еден од документите ги сумира распоредот за обука на 12 украински борбени бригади и се вели дека девет од нив биле обучени од силите на САД и НАТО и дека им се потребни 250 тенкови и повеќе од 350 механизирани возила, пишува весникот.

Документите – од кои барем еден носи ознака „строго доверливо“ – беа објавени на проруски владини канали, се вели во извештајот.

Информациите во документите, исто така, ги детализираат стапките на трошоците за муниција под воена контрола на Украина, вклучително и за ракетните системи ХИМАРС, артилериските ракетни системи произведени од САД кои се покажаа како високо ефикасни против руските сили.

Пентагон соопшти дека го проценува пријавеното нарушување на безбедноста.

„Свесни сме за извештаите за објавите на социјалните мрежи, се разгледува тоа прашање“, рече заменик-секретарот за печат Сабрина Синг.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Киев, меѓутоа, ја негира вистинитоста на документите и „протекувањето“ го оцени како руска дезинформативна операција со цел поттикнување сомнеж за планираната украинска контраофанзива.

Документите што ги објави Њујорк Тајмс содржат „многу голема количина на фабрикувани информации“, изјави за Ројтерс советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Михајло Подољак.

„Ова се само стандардни елементи на оперативните игри на руското разузнавање. И ништо повеќе“, вели Подољак.

„Русија на сите начини се обидува да ја врати иницијативата. Таа се обидува да влијае на сценаријата за украинските планови за контраофанзива. Сака да внесе сомнеж, да ги компромитира идеите и конечно да нè исплаши колку се информирани“, додаде тој.

„Њујорк тајмс“, пак, објави дека се чини дека документите се модифицирани во одредени делови, односно нивната содржина е малку изменета во однос на она што било во оригиналите. Во еден дел е претставена проценка за загубите на украинската војска, но таа е многу повисока од досегашните западни проценки, тврди весникот.

Украинските сили со месеци се соочуваат со руски напади на истокот на земјата, концентрирани околу градот Бахмут. Украина се надева дека  во наредните недели или месеци ќе ја започне најавуваната контраофанзива за да ја врати територијата што сега е под руска контрола.

Извор: МИА

- Реклама -