Донев: Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија

„Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија. Уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика. Не е точна интерпретацијата дека ние сме сакале да учествуваме во тој процес“, изјави бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за бТВ.

Донев, како што пренесе БТА, потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.

Според него, нормално е Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.

„Затоа што Република Северна Македонија, потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки“, рече Донев.

Прашан дали Бугарија треба повторно да стави стави вето на нашето „членство“ во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.

„Бидејќи Република Северна Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува принципите врз кои се темели Унијата“, изјави Донев.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Идејата за учество на Бугарија во процесот на уставни измени ја начна шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, кој изјави дека Бугарија сака да биде вклучена во процесот и дека за тоа накратко разговарал со македонскиот колега Бујар Османи (што од МНР го демантираа). Откако МНР и Ковачевски категорично го одбија барањето, а претседателот Пендаровски го оцени како „скандалозно“ и дури и како барање што „ниту окупатор не би му го поставил на окупиран“, вчера Милков благо ретерираше со зборовите дека уставните измени „секако се внатрешно прашање“ на Македонија и дека Бугарија единствено е заинтересирана за правата на овдешните Бугари. Но, Милков исто така порача и дека Софија нема да прифати било каква формулација која на Бугарите во земјава ќе им додели статус различен од другите заедници, а изјави и дека сакале да избегнат „РСМ и ЕУ да ѝ договараат решенија на Бугарија зад грб“.

Извор: МИА

- Реклама -