Пендаровски: Барањето на Бугарија е скандалозно, такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон окупираните

Претседателот Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето од страна на Софија да учествува во процесот на уставни измени на земјава, откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера кажа дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во постапката за впишување на Бугарите во Уставот.

„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно непримерено да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смила нашиот одговор преку МНР вчера беше на место“, дециден е Пендаровски.

Во одговор на останатите новинарски прашања околу уставните измени, Пендаровски истакна дека концептот околу мнозинства и малцинства во земјава е надминат – таа дебата, рече, е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.

„И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин ‘национални малцинства’ туку имаше ‘народи’ и ‘народности’. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“, рече шефот на државата.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Во однос на тоа дали номинирал претставник во работната група за измени на Уставот, Пендаровски информираше дека професорот од Правниот факултет Александар Спасовски, кој е негов правен советник, ќе биде дел од таа работна експертска група.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, за лидерска средба, и прашан дали тој ќе ја организира, Пендаровски посочи дека дека тој во принцип секогаш ги реализирал тие средби, доколку има согласност од двете претпоставени страни.

„До овој момент за хрватскиот предлог нема согласност од другите претпоставени страни“, нагласи претседателот на државата.

Извор: МИА

- Реклама -