Милков: Изјавата на Пендаровски не води кон смирување на ситуацијата

Промената на Уставот секако е внатрешна работа на Македонија, а за Бугарија единствено е важно да обезбеди еднакви права на Бугарите овде и затоа Софија нема да прифати никаква формулација што е различна во однос на другите народи во Уставот, изјавил техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија – Николај Милков, на брифинг за новинарите, како одговор на изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој барањето на Софија да биде консултирана во процесот го оцени како „скандалозно“.

„Би рекол дека за Бугарија е единствено важно да обезбеди еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Република Северна Македонија. Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија“, рекол Милков, објави БТА, а пренесува МИА.

„Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија и заложбата на Скопје да преземе мерки за обезбедување ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на Бугарите, се наведени во Протоколот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, кој беше потпишан на 17 јули 2022 година“, потсетил Милков, при што изразил жалење што оттогаш нема напредок по ова прашање и темата овде станала предмет на „внатрешна дебата“.

Милков, притоа, истакнал дека „ги поздравува напорите на Република Северна Македонија за исполнување на обврските“  кои, според него, треба да доведат до практична рамноправност на тукашните Бугари.

„Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија“, рекол шефот на бугарската дипломатија.

Тој посочил дека процесот на промена на Уставот „секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија“, како и дека „има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се намалила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени“.

„Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата“, рекол Милков конкретно за изјавата на Пендаровски.

„Во духот на нашето досегашно искуство, би сакале да избегнеме сценарија во кои приоди и конкретни решенија се договараат зад грб на Бугарија со земјите членки на Европската унија, за потоа да ни се врши притисок или да бидеме ставени пред свршен чин“, додал, притоа, Милков.

- Реклама -