Москва за нуклеарките во Белорусија: Критиките од Западот нема да нѐ премислат

Русија денеска соопшти дека нема да ги промени своите планови за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија и покрај бројните критики од западните земји.

„Се разбира, таквата реакција не може да влијае на плановите на Русија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин во саботата објави дека има договор со Минск за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија, земја на вратата на ЕУ со која од 1994 година владее Александар Лукашенко, најблискиот сојузник на Путин.

Според Путин, подготовките за тоа распоредување треба да започнат веќе следниот месец.

„Тука нема ништо необично: САД го прават тоа со децении. Тие одамна го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на своите сојузници“, рече во саботата Путин за руската телевизија.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

„Ние се договоривме да го направиме тоа“, додаде тој, велејќи дека планира од 3 април „да го обучи екипажот“ и на 1 јули да „заврши изградбата на специјално складиште за тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија“.

Таа објава предизвика остри критики од Западот, НАТО ја осуди руската „опасна и неодговорна реторика“, додека Европската унија му се закани на Минск со нови санкции доколку се реализира тоа распоредување.

МИА

- Реклама -