МНР во боите на германското знаме по повод посетата на Бербок

Министерката за надворешни работи на Германија – Аналена Бербок, утре доаѓа во Скопје, а по повод посетата, вечерва зградата на македонското МНР е осветлена во боите на германското знаме.

„⚫🔴🟡 По повод на утрешната посета на сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија Аналена Бербок на 🇲🇰, зградата на Министерството за надворешни работи е осветлена со боите на 🇩🇪 знаме.

✅ Германија продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на Регионот“, стои во објавата на официјалната фејсбук страница на МНР.

Како што соопшти МНР, Бербок утре ќе престојува во земјава на покана на нејзиниот колега – министерот Бујар Османи. Во рамки на посетата ќе има средби и со претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието – Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања – Бојан Маричиќ.

Прочитајте и:  Мицкоски за МИА: Да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната реторика кај нашиот источен сосед

Покрај тоа, шефицата на германската дипломатија ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.

Според агендата од МНР, по пристигнувањето, Бербок и Османи ќе одржат тет-а-тет средба, потоа ќе следува средба на двете делегации, а двајцата министри ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Фокусот на разговорите меѓу двајцата министри, како што најавија двете страни, ќе биде пристапниот процес на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како „неопходен чекор кон Унијата“.

Од Скопје, Аналена Бербок во петок ќе отпатува во Грузија.

Извор: МИА

- Реклама -