САД ќе испратат постар модел од тенковите Абрамс во Украина, целта е да стигнат побрзо – за 8 до 10 месеци

Пентагон ја забрзува испораката на тенкови Абрамс во Украина, при што одлучи да испрати обновен постар модел што може да биде подготвен побрзо, со цел борбените возила од 70 тони да се донесат во воената зона за осум до 10 месеци, соопштија американските власти, пренесува Фокс Њуз.

Оригиналниот план беше да се испратат на Украина 31 од поновите M1A2 Абрамс, за кои веројатно ќе беа потребни една до две години за изградба и испорака. Но, официјални лица рекоа дека е донесена одлука да се испрати постарата верзија M1A1, која може да се земе од резервите на армијата и може да биде таму пред крајот на годината. Официјалните лица велат дека кога е во прашање М1А1, исто така, на украинските сили ќе им биде полесно да научат да го користат и одржуваат додека се борат против руската инвазија.

Официјалните лица денешната изјава ја дадоа под услов да останат неименувани, бидејќи планот сè уште не е јавно објавен. Официјалните претставници на Пентагон се очекува да го објават во текот на денешниот или утрешниот ден, пренесува Фокс.

Прочитајте и:  Анкета: Ако сега се одржат избори за Зеленски би гласале само 16 отсто од Украинците

Портпаролот на Пентагон одби да коментира за побрза временска рамка, бидејќи американското Министерство за одбрана претходно не одреди никаков конкретен датум за нивна испорака во Украина, само информираше дека тоа ќе трае со „месеци“.

„Работиме на тоа. Има некои промени што може да се внесат во процесот за да се забрза“, изјави денеска портпаролот на Белата куќа Џон Кирби за Си-Ен-Ен.

Тенкот Абрамс влезе во употреба во 1980 година и се користеше во Заливската војна, како и во војните во Авганистан, Ирак и Јемен.

Во јануари, САД објавија дека ќе испратат 31 тенк М1 Абрамс во вредност од 400 милиони долари во Украина во следните неколку месеци.

МИА

- Реклама -