Османи: Кампањата „Тој доаѓа“ не се однесува на избори или премиер Албанец, значењето ќе се открие следните денови

Министерот за надворешни работи и член на Претседателството на ДУИ – Бујар Османи, вели дека новата кампања на партијата, насловена „Тој доаѓа“, не се однесува на избори или на премиер Албанец. Наредните денови ќе се знае што точно е значењето, најави тој во изјава за „Канал 5“ телевизија.

Тој подвлече дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека Владата е стабилна, а коалицијата има зголемено мнозинство.

„Избори ќе има редовни, некаде април-мај 2024 година. Оваа кампања не се однесува на избори. Не се однесува на премиер Албанец, туку е сосема друга кампања којашто наредните денови веројатно ќе се открие“, вели Османи.

Прашањето за изборите, според Османи, е тема која ќе стане актуелна следната година, а она на што сега треба да биде ставен фокусот се економската стабилизација, уставните измени и продолжувањето на европскиот пат на државата.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Османи ги коментираше и информациите за наводниот планиран атентат врз делегацијата на ОБСЕ, предводена токму од него, при посетата на Молдавија. Како и министерството во соопштението за јавноста, и Османи повтори дека немало индикации за такво нешто.

„Веројатно има обид за издигнување на некој наратив на меѓународно ниво, бидејќи ОБСЕ и претседавачот на оваа Организација сепак е профил кој што може да ја издигне било која тема и било која нарација на меѓународно ниво. Во текот на посетата немавме никакви индикации за такво нешто“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -