САД нема да го сменат односот кон Кина и покрај предупредувањето дека влогот е и самата иднина на човештвото

Белата куќа не сака промена во односите меѓу САД и Кина, вклучително и односите за прашањето за Тајван, изјави денеска портпаролот на Белата куќа за национална безбедност – Џон Кирби.

Со овој став тој му одговори на шефот на кинеската дипломатија, Чин Ганг, кој денеска го предупреди Вашингтон дека треба да го промени својот „искривен“ став и да не ризикува конфликт, пренесоа британските медиуми.

„Сакаме стратешка конкуренција со Кина. Ние не бараме конфликт. Нашата цел е да се натпреваруваме, да победиме и апсолутно сакаме да ги задржиме односите на тоа ниво“, изјави Кирби.

Претходно денеска, Чин изјави дека политиката на Вашингтон кон Кина „целосно отстапува од рационалниот и здрав пат“, пренесоа американските медиуми.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

„Доколку САД не притиснат на сопирачките, туку продолжат да одат по погрешниот пат, ниту една заштитна бариера не може да спречи излетување од шините, а секако ќе има конфликт и конфронтација“, се закани кинескиот министер.

Чин изјави дека „таквото ривалство е непромислено коцкање, при што влогот се основните интереси на двете нации, па дури и иднината на човештвото“.

МИА

- Реклама -