Мицкоски: Со пиштол на глава не се стигнува до уставни измени, тие не се приоритет на граѓаните

Уставните измени не ги споменува никој од граѓаните и не се приоритет за нив. Тие постојат само во главите на неколку политичари кои ниту самите не веруваат дека тоа е добро, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашања околу предлогот на првиот вицепремиер Артан Груби – опозициската партија да ја поддржи промената на Уставот и потоа да се оди на предвремени избори.

„Не би го коментирал ниту предлогот, ниту човекот што го дава тој предлог. Дадовме контра предлог – да одиме на избори без техничка влада, да го смениме законот и веднаш да одиме на избори. Да не губиме време. Еве, не треба техничка влада“, изјави Мицкоски при денешната посета на Стајковци, каде присуствуваше на отворање на спортска сала.

„Ако ги прашувате граѓаните, кои се вашите приоритети, тие ќе ви набројат најмалку 15 приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени, никој нема да ги спомене“, рече Мицкоски.

„Тие (неколку политичари) мислат дека ако на сила тераат процес на уставни измени, тоа ќе ги спаси нивните политички кариери. Секој политичар и пратеник треба да знае дека уставни измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата, туку за спас на политичката кариера на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите. Ова нема врска со Европа, освен со криминал и пари што го крадат народот“, инсистира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Во врска со денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека во моментов не е предвидена лидерска средба, а дека уставните измени ќе се носат преку јавните дискусии со вклучување на сите засегнати страни со еден изграден широк општествен консензус, Мицкоски истакна дека на одржаната средба во Клубот на пратеници тие веќе кажале што им пречи и не гледаат причина истото да го повторуваат.

„Им рековме ‘немојте да прифаќате нешто што не можете да го испорачате – најпрвин тоа е промената на Уставот, бидејќи се потребни две третини, а потоа да прифаќате и вклучување на билатералниот договор со Бугарија во преговарачката рамка’. Не не послушаа, прифатија“, потенцираше Мицкоски.

„Неколку месеци им велам ‘ајде да одиме на избори, бидејќи создадовте проблем’. Значи, ние имаме проблем. Ајде да одиме на избори, па секој од политичките чинители да понуди решенија за решавање на овој проблем, затоа што со ставање на пиштол на глава не се решава овој проблем. Во Клуб на пратеници ние кажавме што ни пречи. Јас седнав со Ковачевски и му кажав што ни пречи. Ние веќе сме седнале и сме кажале што ни пречи. Не гледам причина зошто повторно истото да го повторуваме. Нема нешто сменето. Нема сменети околности“, додаде тој.

Извор: МИА

- Реклама -