Груби нуди „компромис“ до ВМРО-ДПМНЕ: Гласајте за уставни измени па веднаш одиме на избори

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, ги повика ВМРО-ДПМНЕ на седница на Собрание со две точки на дневен ред – прва за уставни измени и втора – распуштање на Собранието и предвремени избори.

„Знам дека и премиерот Ковачевски, претседателот на СДСМ, ќе се сложи со ова, и господинот Ахмети исто така. Идеме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум нека влезат нека гласаат, идеме на избори“, изјави Груби вечерва во гостувањето на телевизијата „Канал 5“.

„Еве компромис“, рече тој, повикувајќи ја најголемата опозициска партија „да се охрабрат“, да донесат таква одлука и да излезат на избори.

Прашан дали е можно да се спојат претседателските со парламентарните избори, Груби рече дека „ќе видат“.

„Ќе видиме дали ќе се спојат, една година разлика, од денеска па до март 2024 година“, посочи Груби.

Извор: МИА

- Реклама -