Кличко нејасен дали ќе го предизвика Зеленски на изборите следната година

Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен светски шампион во бокс во тешка категорија, не сакаше конкретно да каже дали ќе го предизвика украинскиот претседател Володимир Зленски на претседателските избори следната година.

„Кога земјата е во војна, кога голем дел од земјата е окупиран, кога десет милиони луѓе се надвор од земјата, политичкиот натпревар може да биде фатален за нашата земја“, рече тој во интервју за германската новинска агенција ДПА.

Сега е време да се брани државата, рече Кличко, кој е градоначалник од 2014 година. „Денес се работи за опстанок на Украина, а не за тоа кој владее со земјата. Нашите граѓани плаќаат огромна цена за ова“, рече тој, непосредно пред првата годишнина од руската инвазија.

Потребно е обединување на сите политички сили, на сите политички партии, смета тој. „Ние стоиме под едно знаме: сино и жолто, нашето украинско знаме. За жал, ова не го разбираат сите, дури и овде во Украина“, додаде тој.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина можеби ќе треба да почека и да го надживее Путин за да си ја врати територијата

Според него, приоритет е одбраната.

„Земјата мора да биде независна и суверена. Земјата мора да стане демократска. Јас си ја работам својата работа. Подготвен сум. Моето рамо е секогаш подготвено за секој патриот, секој бранител“, рече Кличко.

На прашањето зошто не стои рамо до рамо со Зеленски, кој со своите 170 сантиметри е повеќе од 30 сантиметри понизок од Кличко кој е висок 201 сантиметар, поранешниот боксер рече:

„Рамо до рамо, не можеме да го направиме тоа. Не оди со оглед на висината … се шегувам“.

Тој рече дека во моментов не размислува да го предизвика Зеленски.

„Но ако ѝ требам на земјата, тогаш немам друг избор“, изјави градоначалникот на Киев.

МИА

- Реклама -