Бајден од Варшава: „Киев стои висок, горд и слободен“

„Киев стои висок, горд и што е најважно, слободен“, изјави американскиот претседател Џо Бајден попладнево во големиот говор одржан во полската престолнина Варшава, откако вчера го посети Киев.

„Путин мислеше дека ќе се предадеме, погреши. Мислеше дека НАТО ќе се претвори во Финска, а наместо тоа се случи НАТО-изацијата на Финска и Шведска“, посочи Бајден, додавајќи дека НАТО е пообединет од кога било досега.

„Путин повеќе се сомнева во нашето единство, но се сомнева и во нашата истрајност. Но, нема сомнеж. Нашата поддршка за Украина нема да попушти и нема да се умориме. Љубовта на украинскиот народ ќе надвладее над желбата на Путин за моќ и земја. Станува збор за слободата“, рече Бајден, во неколку наврати споменувајќи ги вредностите на демократијата.

„Автократите разбираат само еден збор – не, не, не“, доадде тој, потенцирајќи дека „Украина никогаш нема да биде руска победа“.

Бајден потсети дека пред една година руските тенкови влегоа во Украина, но и покрај тоа, вели, „Украина е сè уште слободна“. За Русите рече дека „бомбардираат училишта, породилишта, железнички станици…“.

Бајден им се обрати и на Русите, уверувајќи ги дека не постои заговор против Русија.

„Им се обраќам на граѓаните на Русија. САД и НАТО не сакаат да ја уништат Русија, нема заговор против Русија како што рече денеска Путин. Оваа војна не е неопходност туку трагедија. Путин може да ја заврши војната со една реченица. Победата на Русија би значела крај на Украина, затоа се грижиме Украина да може да се брани“, рече Бајден.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Тој посочи дека Полска прифатила милиони бегалци од Украина.

„Ние стоиме со слободата. Тоа го прават Американците и тоа се Американците“, рече Бајден понатаму во говорот, а Путин го обвини дека се обидел да ја изгладне Европа, да ја спречи Украина да извезува храна и да предизвика глобална прехранбена криза. Ова особено ќе ги погоди африканските земји, подвлече американскиот претседател.

За Украина рече дека е „слободна, суверена и демократска“.

„Ги воведовме најсилните санкции што некогаш биле наметнати на една земја и ќе воведеме повеќе Имаме со што да се гордееме во изминатата година. Но, сепак ќе има тешки денови. Ќе застанеме зад Украина додека таа се брани“, порача Бајден.

За Членот 5 од НАТО рече дека е „цврст како камен“.

„Нападот врз еден е напад врз сите, тоа е света заклетва. Света заклетва да се брани секој сантиметар од територијата на НАТО“, порача Бајден.

Тој оцени дека светот е на точка на пресвртница и дека „одлуките што ги носиме сега ќе ги одредат следните децении“.

Од едната страна е демократијата, рече, а од другата е „диктаторот кој сака да ја уништи“.

„Нема посладок збор од слобода и нема повисока цел од слободата“, додаде тој.

Извор: МИА

- Реклама -