Путин: Никој од обичните Руси не ги жали бизнисмените кои ги загубија јахтите и палатите

Никој од обичните Руси не ги сожалува оние кои го загубија својот капитал во странски банки и други средства во странство, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, во говорот за состојбата на руската нација одржан на три дена пред годишнината од почетокот на инвазијата врз Украина.

„Никој од обичните граѓани на Русија не жали за оние што го загубија својот капитал во странски банки. Тие не жалат за оние што ги загубија своите јахти и палатите во странство, новите елити“, рече Путин во обраќањето во парламентот.

Тој потсети и на приватизацијата од 90-тите и „арогантниот луксуз“ на создадените нови елити, потенцирајќи дека фирмите што ги создавала целата руска држава се продавале „за џабе“.

Сепак, Путин во говорот најмногу акцент стави на однесувањето на Западот, обвинувајќи го дека тој ја почнал војната и ја приморал Русија да употреби сила „за да ја запре“.

Путин ја обвини НАТО алијансата дека, предводена од САД, го разгорува конфликтот со „погрешно верување дека може да ја победи Русија во глобална војна“.

Путин ги повтори своите ставови во врска со инвазијата и обвинувањата кон Украина за нацизам, додавајќи дека Западот само одолговлекувал и замижувал пред политичките убиства и малтретирањата на верниците и ги поддржувал „украинските неонацисти“.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Путин обвини и дека пред „специјалната воена операција“ имало разговори меѓу Украина и Западот за испорака дури и на нуклеарно оружје.

„Тие создаваа биолаборатории на границата, воени бази, ја подготвија Украина за голема војна и тоа отворено го признаваат, како да се гордеат со тоа, нарекувајќи ги договорите од Минск – ‘блефирање’“, потенцираше рускиот претседател.

„Така ја уништија Југославија, Ирак. Се навикнаа да им се дозволува сè. Така се однесуваат и кон сопствените народи. Се претворија во симбол на лаги. Ние се бориме за нашата позиција и за тоа дека во современиот свет не треба да има поделба на цивилизирани земји и други. Добивме колебливи одговори на нашите предлози за соработка. Дури и НАТО го проширија кон нас. Ниту една земја нема толку воени бази во светот како САД. Видете ја мапата, ги поставија насекаде“, рече Путин.

Извор: МИА

- Реклама -