Зеленски го посети Бахмут – главното упориште на истокот на Украина (ФОТО/ВИДЕО)

„Истокот се држи бидејќи Бахмут се бори. Тврдината на нашиот дух. Во тешките битки и по цена на многу животи, слободата е изборот за сите нас.

Бранителите на Бахмут заслужуваат максимална поддршка и највисока благодарност. Затоа сум денеска со нив. Тие се суперлуѓе. Наша сила, наши херои“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Фејсбук, каде сподели видеа и фотографии од неговата денешна ненадејна посета на градот каде се водат, според некои проценки, најжестоките битки од почетокот на руската инвазија.

Во Бахмут, кој се наоѓа во Доњетскиот регион, Зеленски се сретна со воени официјални лица и им подели одличја на украинските војници кои со месеци одолеваат на руските офанзиви за заземање на градот. Во тие обиди, според западните разузнавачки агенции, Русија се потпира на платеници од групата „Вагнер“, како и мобилизирани затвореници и нови резервисти, за да напаѓа во бранови кон украинските позиции. Како резултат на жестоките борби, големи делови од градот се срамнети со земја.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Како што информираа од Кабинетот на Зеленски, тој ги посетил фронталните позиции на една од механизираните бригади, чиј персонал се конфронтира со непријателите кои се обидуваат да се доближат кон градот. Зеленски го сослушал командантот околу целокупната ситуација, како и неговите сугестии за следните чекори. Истовремено, Зеленски им се заблагодарил на украинските војници за храброста, отпорноста и силата што ја демонстрирале во одбивањето на руските напади. Зеленски, со едноминутно молчење, им укажал чест и на оние кои, како што се вели во соопштението, „засекогаш останале на бојното поле“.

Како што посочува „Њујорк Тајмс“, додека загубите на двете страни растат, Бахмут стана поважен од неговото воено значење – градот стана симбол на украинскиот отпор, а ширум земјата се продаваат налепници, маици и други сувенири со слоганот „Бахмут се држи“.

- Реклама -