Анкета: Груевски најпопуларен политичар во земјава

Близу 40% проценти од испитаниците не гледаат позитивно кон ниту еден политичар. Така било и лани во ноември (40%), така било и годинава во октомври (38%), покажува анкетата на ИРИ. Лани во март, пак, таа бојка била 13%.

Меѓу оние што сепак гледаат со позитивна наклонетост кон одреден политичар, 7% како таков го посочиле поранешниот премиер Никола Груевски. Зад него се Мицкоски и Ахмети, на кои позитивно гледаат 6% од оваа група испитаници, па потоа Ковачевски (5%), па Апасиев, Касами и Пендаровски (3%), а зад нив Заев, Села и Црвенковски (2%).

Лани, пак, најмногу со наклонетост се гледало кон Заев (10% во март и 9% во ноември). Кај Груевски, пак, овие бројки биле 4% и 3%, соодветно. Или, со други зборови, споредено со лани, наклонетоста кон Груевски се зголемила близу двојно, додека кај Заев паднала цели пет пати (од 10% на 2%)…

Кај политичките партии, доколку утре се одржат избори, најголема поддршка би имала ВМРО-ДПМНЕ – за нив би гласале 19% од испитаниците. Бројката е конзистентна со ланската анкета. За СДСМ, меѓутоа, би гласале 11%, што е прилично сериозен пад во однос на ланската анкета, кога нивниот рејтинг бил 16%. ДУИ, инаку, е стабилна на 7%, а рејтингот на Левица пораснал на 6%.

Од останатите, 12% не би гласале, 21% не знаат за кого би гласале, 3% би „гласале“ со неважечко ливче, а 7% одбиле да одговорат.

- Реклама -