Османи: Видовме дека дојавите за бомби имаат регионален контекст и не се игра на тинејџери, затоа ги информиравме НАТО

„Државата е стабилна, нема ризик од некаква дестабилизација, но сме внимателни кон намерата на овие хибридни напади кои имаат за цел да создадат немир и недоверба меѓу граѓаните, а потоа да се надоврзат евентуално и политички партии и други прашања. Останува МВР да се координира со партнерските служби во регионот и да побара помош за да се откријат сторителите кои очигледно не се во Македонија“, изјави денеска на редовниот брифинг со новинарите министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека имајќи предвид дека и во друга членка на НАТО има дојави за бомби Црна Гора, дека ова можеби не е некоја игра на тинејџери, побарана е помош од НАТО. Одговорот од НАТО, вели министерот, е дека се информирани и дека прават анализи за тоа што точно се случува.

„Ние бевме во комуникација со МВР во смисла како да пристапиме во однос на барање на поддршка и ние на МВР им кажавме дека НАТО не е адресата за конкретно ова прашање, затоа што ова бара полициска истрага со цел да се најдат сторителите. НАТО нема такви механизми“, рече Османи.

Тој појасни дека НАТО дава поддршка повеќе за дијагностицирање на слабостите на системот предлагајќи среднорочни и долгорочни планови за тоа како системот да стане поотпорен на хибридни закани и напади, но нема мисија којашто би направила истрага и форензика.

„Меѓутоа проценивме дека поради фактот дека ова очигледно ги надминува нашите граници… јас тоа го потврдив за време на мојата посета во Подгорица кога на прес-конференцијата со премиерот, кој истовремено е и министер за надворешни работи, доминираа истите прашања што ни ги поставувате вие на нас: Зошто има толку дојави за бомби во школите во Црна Гора… и тие решиле дури да преминат на онлајн заради голем број на дојави и немаат капацитет да ги проверат сите… Тоа веќе ни даде сигнал дека ова не е некоја игра на тинејџери, ова мора да е нешто, има регионален контекст бидејќи се две земји членки на НАТО, очигледно мора да е нешто сериозно“, рече Османи.

Поради тоа, вели, ги информирале НАТО дека треба да се сврти лупата и кон еден таков аспект на анализа – дали ова е регионален напад на членки на НАТО, и од каде доаѓаат и што е целта. Меѓутоа, потенцира министерот за надворешни работи, точната адреса се билатералните комуникации со партнерските служби кои МВР ги прави а на кои МНР дава поддршка.

Во однос на повиците од Германија до своите државјани да бидат внимателни во Македонија поради дојавите за бомби, според него, се легитимни. „Вчера имавме дојави за бомби во хотел, и ние ќе постапевме исто“, вели министерот.

Извор: МИА

- Реклама -