Стојановиќ: Не е реално Србија да испрати 1.000 војници на Косово

Поранешниот шеф на Воено-безбедносната агенција (ВБА) на Србија, генерал Момир Стојановиќ, изјави дека во овој момент не е реална можноста да се испратат илјада српски војници на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Коментирајќи ги најавите дека Белград ќе ја разгледа можноста за враќање до илјада припадници на своите безбедносни сили на Косово врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Стојановиќ рече дека Резолуцијата 1244 предвидува српските војници во Косово да можат да ги чуваат со лесно оружје само верските објекти и граничната зона.

„Не е реално сега да се испратат илјада српски војници на Косово и Метохија. Властите во Белград, на чело со Александар Вучиќ, со години не ја споменуваа Резолуцијата 1244, велејќи дека документот е ‘мртво слово на хартија’. Сега кога политиката на Вучиќ за Косово пропадна, се повикува на резолуцијата 1244 како давеник за сламка“, рече Стојановиќ за агенцијата Бета.

Според него, Вучиќ ги ставил Србите на Косово во многу тешка положба, бидејќи во изминатите десет години на приштинските власти им ги предал судството, полицијата, енергетиката, телекомуникациите, катастарот, цивилната заштита, регистарските таблички…

„Вучиќ во Брисел прифати сè што беше побарано од него од косовските и европските претставници и не се избори за ниту еден српски интерес“, посочи Стојановиќ.

Прочитајте и:  Извештај на ЕК: Без санкции против Русија, приближување со Кина - се отвора прашање за стратешката насока на Србија

Тој рече дека за судбината на Косово одлучуваат луѓе кои немаат никаква врска со Косово и додаде дека некој од Западот го „инструментализирал“ Курти, „кој во последните три до четири месеци прави потези на кои Белград нема соодветен одговор“.

„Курти со нечија поддршка направи неколку потези кои ја загрозија безбедносната ситуација на Косово. Можно е целта да е да се забрза донесувањето на конечната одлука за Косово со интензивирање на ситуацијата на терен“, смета Стојановиќ.

Тој ја спомена изјавата на шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, кој изјави дека кога е во прашање Косово, постојат „црвени линии“ кои Белград нема да ги помине.

„Дачиќ мора да каже кои се тие линии, бидејќи без Косово Србија не може да опстане. Србија мора да го заштити српскиот народ на Косово и Метохија“, рече Стојановиќ.

Тој додаде дека, доколку Белград не ги заштити Србите на Косово, ќе има масовни протести, а не ја исклучува можноста и за колективно иселување или вооружени конфликти.

Според него, за сите општествени и политички прашања во Србија одлучува само еден човек – Александар Вучиќ, „што ќе има катастрофален ефект врз примерот на Косово“.

МИА

- Реклама -