Османи: Во Косово никогаш веќе нема да има српска војска и полиција

„На територијата на Република Косово никогаш веќе нема да има ниту полиција ниту војска на Србија“, порача косовската претседателка Вјоса Османи по најавите од Белград дека „се разгледува можноста“ за испраќање илјада војници во Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Хегемонистичкиот сон на Србија нема да заживее никогаш“, порача Османи коментирајќи ја изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ, при што оцени дека плановите за испраќање војска во Косово „докажуваат дека во таа држава продолжува да опстојува хегемонистичкиот начин на размислување“. Османи побара од меѓународната заедница да го осуди таквото однесување на српските власти.

Прочитајте и:  Извештај на ЕК: Без санкции против Русија, приближување со Кина - се отвора прашање за стратешката насока на Србија

„Отворената закана за полициска и воена агресија од страна на Србија докажува дека во таа држава продолжува да опстојува хегемонистичкиот начин на размислување. На ова треба јасно да се спротивстави и да го осуди сиот демократски свет, кој му го нанесе најсилниот удар на таквото резонирање токму во 1999 година“, напиша Османи на нејзиниот Фејсбук профил.

Пред Брнабиќ, вчера и директорот на Канцеларијата за Косово при српската влада, Петар Петковиќ, изјави дека се разгледува можноста за испраќање илјада војници во северно Косово, затоа што, според него, меѓународните мисии КФОР и ЕУЛЕКС не си ја вршат работата и српската етничка заедница таму е загрозена.

Извор: МИА

- Реклама -