Зеленски ги повика Украинците да ја издржат зимата: „Секој ден сме поблиску до победа“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во пресрет на претстојната и за Украина „очигледно тешка зима“, како што самиот рече, апелираше до Украинците за истрајност и отпорност.

Во своето редовно вечерно обраќање, синоќа, на „четвриот ден од почетокот на зимата“, како што посочи, Зеленски им порача на Украинците дека претстојниот период не треба да се гледа како искушение, туку како време кое ги доближува, со секој еден изминат ден од претстојните три месеци, до главната цел – победата.

„Непријателот навистина се надева да ја искористи зимата против нас: да ги направи зимскиот студ и тешкотиите дел од неговиот терор. Мораме да направиме сѐ што можеме за да ја преживееме оваа зима, без оглед колку е тешко. Да се ​​издржи оваа зима значи да се одбрани сѐ“, повика Зеленски.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

„Русија има предност во проектили и артилерија, но ние имаме нешто што окупаторот го нема и нема да го има: го штитиме нашиот дом и тоа ни дава најголема можна мотивација“, додаде украинскиот претседател, потенцирајќи дека украинскиот народ се бори за слобода и ја брани вистината.

„За да ја преживееме зимата, мора да бидеме поотпорни и обединети од кога било порано. Цела Украина мора да стане еден голем Пункт на Непобдливоста и да работи секој ден, секоја ноќ… државата, бизнисите, луѓето, сите ние, Украинците, заедно“, порача Зеленски.

- Реклама -