Османи планира средба со иницијаторите на бугарските клубови „за да види која е нивната цел“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, за бугарскиот портал „Нова“, најави дека ќе разговара со бугарската заедница во земјава. Во наш интерес е, рече Османи, бугарската заедница да биде етаблирана, интегрирана и во одлични односи со сите други заедници во државата.

„Јас мислам дека треба да се разговара со бугарската заедница. Јас планирам да имам таков дијалог и со иницијаторите на клубовите, да видиме што е целта. Ако е целта бугарската заедница да има свои организации и клубови за да се претставува, ако е идејата да се етаблира подобро буагрската заедница, или пак да се интегрира бугарската заедница во системот, да се спречат евентуални дискриминаторски политики кон бугарската заедница, ајде да видиме кои се најдобрите начини тоа да се направи. Не мислам дека преку разгневување на јавноста ќе се постигне тоа“, рече Османи.

Зборувајќи за оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Османи потенцираше дека МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди тие настани.

„Тие настани ги сметавме за провокации кои се обидуваат да ги влошат односите, да ги киднапираат односите меѓу нашите две држави. Очекувам органите на државата, МВР, да ги идентификуваат за да видиме кој точно стои позади тие провокации и кои се тие злонамерници кои се обидуваат да ги влошат нашите односи“, рече Османи.

Прочитајте и:  Мицкоски за уставните измени: Не сме ни Бујар, ни Маричиќ, ни Ковачевски да бидеме лековерни и наивни, нема да влегуваме во авантури

Тој посочи дека резервите на Владата кон името на клубот „Цар Борис Трети“ се должат на тоа што смета дека тоа е провокација за меѓусебните односи, но подвлече и дека тоа не оправдува насилство.

„Така се перцепира улогата на овие историски личности во нашата држава. Но, независно кое е името и ставовите, никој во оваа држава не смее да биде предмет на напади, посебно не на насилни. Ние имаме нула толеранција кон напади, особено кон помалите заедници. Никој не го оправдува насилството, независно кое е името. Има начини како да се надминат тие разлики, чувството на провоцирање што го имаат нашите граѓани по однос на тие имиња. Има ново законско решение, може да разговараме со иницијаторите на тие клубови за да видиме како нивните идеи за отворање на клубови да ги претвориме во мостови на соработка. Насилството не може да биде одговор и барам државата најжестоко да реагира и мислам дека тоа го прави“, рече Османи.

Македонско-бугарските односи во последните недели, шефот на дипломатијата ги карактеризираше како „афтершокови на големиот земјотрес“ во односите кои ги имавме во последните две три години.

„Ако ги гледаме суштинските линии на соработка, трендовите се позитивни. Да, има проблеми и предизвици, но тука сме ние да ги надминеме“, порача тој.

Извор: МИА

- Реклама -