Мили: Америка е воено подготвена, напад на Тајван ќе биде стратешки дебакл за Кина

Највисокиот генерал на Пентагон, Марк Мили, изјави дека евентуалниот кинески напад врз Тајван би бил споредлив со руската воена операција во Украина и би претставувал значителна „стратешка грешка“.

Претседателот на Здружениот Генералштаб на американската војска ова го изјави на заедничкиот брифинг во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин.

На прашањето дали воопшто е загрижен дека Си може да донесе „непромислена одлука“ да го заземе Тајван со сила, имајќи предвид дека либерално-демократскиот остров се гледа себеси како сопствен независен ентитет, додека Кина го смета за дел од не јзината територија, Мили одговори дека верува, иако лично не го познава кинескиот лидер, дека Си е „рационален актер“ кој „носи одлуки врз основа на она што мисли дека е во негов национален интерес“ и кој „ги проценува работите врз основа на трошоците, придобивките и ризиците.

„Мислам дека тој би заклучил дека нападот на Тајван во блиска иднина би бил преголем ризик и би завршил со стратешки дебакл за кинеската војска. И мислам дека тоа ќе го уништи сонот на Кина да биде број еден економска и воена сила“, рече Мили.

Сепак, тој нагласи дека Америка не знае дали Кина ќе се обиде да го окупира Тајван, но дека официјални лица продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата и дека се „воено подготвени“.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

„Една од клучните работи сега е да се осигураме дека Тајван може да се брани, а има многу научени лекции од војната во Украина“, додаде Мили.

На маргините на неодамнешниот самит на Г20 во Индонезија, пак, каде се сретнаа лидерите на двете суперсили, кинескиот претседател Си Џинпинг му рекол на американскиот колега Џо Бајден дека Тајван е црвената линија на Кина во односите со САД, соопшти по средбата кинеското МНР.

„Кинескиот лидер јасно стави до знаење дека тајванското прашање е клучен интерес на Кина, политичка основа и главната црвена линија која никој не може да ја помине“, се вели во соопштението.

Ситуацијата околу Тајван ескалираше на почетокот на август, со посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која Кина ја осуди карактеризирајќи ја како поддршка на тајванскиот сепаратизам и по која одржа големи воени вежби во Тајванскиот теснец.

Пекинг не го признава суверенитетот на Тајван, го смета за своја територија и инсистира „политиката на една Кина“ да се почитува во целиот свет.

Извор: МИА

- Реклама -