Гуљаш: Зеленски постапи неодговорно кога ја обвини Русија за инцидентот во Полска

Фото: Остаток од проектилот што падна во Полска, објавено од полски медиуми

Шефот на кабинет на унгарскиот премиер, Гергељи Гуљаш, денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски се однесувал неодговорно кога ја обвини Русија дека извршила ракетен напад во источна Полска.

Гуљаш нагласи дека инцидентот во источна Полска уште еднаш ја покажал потребата спротивставените страни што поскоро да ги прекинат непријателствата.

Гуљаш, сепак, истакна дека само Русија е одговорна за војната во Украина.

Инаку, и мисијата на Русија во Обединетите нации денеска, негирајќи вмешаност, обвини дека „инцидентот бил обид НАТО директно да се вовлече во војната во Украина“.

„Фактите покажуваат дека Русија немала никаква врска со проектилите што ја погодија полската територија“, изјави првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН – Дмитриј Пољански.

Како што оцени тој, „инцидентот во Полска е обид да се предизвика директен воен конфликт меѓу НАТО и Русија“.

Полска, пак, денеска го отфрли барањето на Украина итно да биде вклучена во истрагата и да добие пристап до местото каде падна проектилот.

„Досегашната полска и американска истрага укажува дека станува збор за пад на украинска ракета за противвоздушна одбрана“, изјави претседателот на Полска, Анджеј Дуда, откако американскиот претседател Џо Бајден синоќа предложил истрагата да биде сојузничка (во рамки на НАТО) и спроведена од полски и американски истражители.

Прочитајте и:  Фицо: Во Украина се борат нацистички трупи, меѓународната заедница не реагира

„Ако некој сака да го пуштиме во истрагата, прво мора да се договорат за тоа американската и полската страна“, изјави Дуда на прес-конференцијата по седницата на Советот за национална безбедност.

Претходно, пред средбата, тој и премиерот Матеуш Моравјецки објавија дека со многу, многу голема веројатност, ракетата што паднала во близина на складиштето за жито во пограничното село Пржеводов била украинска ракета за воздушна одбрана истрелана за да пресретне руски ракети и случајно слетала во Полска.

„Нема ништо што укажува дека станува збор за намерен напад. Во вторникот, украинските воздушни одбранбени сили испукаа ракети во различни правци. Немаше класична експлозија, туку само пад на ракетата со експлозијата на гориво што следеше“, истакна Дуда.

Моравјецки, меѓутоа, на новинарско прашање, изјави дека Полска не може да отфрли дека се работи за провокација со надеж дека ситуацијата ќе ескалира.

Киев, во меѓувреме, вклучително и украинскиот претседател Зеленски, барајќи итно да биде вклучен во истрагата, и натаму тврди дека проектилот не бил украински. Напротив, тие тврдат дека имаат „докази за руска трага“.

Извор: МИА

- Реклама -