Зеленски го посети ослободениот Херсон: „Ќе напредуваме, но сигурно не кон Москва“ (ВИДЕО)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети градот Херсон, неколку денови откако руските сили се повлекоа од главниот град на истоимениот регион.

Зеленски разговараше со некои од украинските војници во градот, при што подвлече дека Украина „се движи напред“ и „е подготвена за мир, мир за целата земја“.

Зеленски се обрати и пред поголем број луѓе собрани на главниот плоштад во Херсон, од кои некои вееја украински знамиња. Тој рече дека е „навистина среќен“ за ослободувањето, исто, како што рече, како и народот на Украина.

Меѓу другото, Зеленски им се заблагодари и на НАТО и на другите сојузници за нивната поддршка во војната против Русија.

На прашањето каде следно може да напредуваат украинските сили, тој одговори дека „тоа сигурно не е Москва“.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

„Ние не сме заинтересирани за територии на друга земја“, појасни Зеленски.

Претходно, синоќа, украинскиот претседател обвини дека руските војници во Херсон ги извршиле „истите злосторства“  како и во другите региони на Украина што ги окупираа

„Пронајдени се тела на убиени цивили и војници. Во регионот Херсон, руската армија зад себе ги остави истите ѕверства како и во другите региони на нашата земја, каде што можеше да влезе“, рече Зеленски, ветувајќи дека „секој убиец ќе биде пронајден и изведен пред лицето на правдата“.

Тој истакна и дека се документирани 400 „руски воени злосторства“, без да прецизира дали податоците се однесуваат само на регионот Херсон.

- Реклама -