Француско-германскиот предлог за нова рамка за дијалог меѓу Белград и Приштина предвидува нормализација на односите меѓу двете страни, „неприкосновеност на границите меѓу нив сега и во иднина“ и целосна посветеност на „взаемно почитување на територијалниот интегритет“, објави Еурактив, наведувајќи дека документот го добилe од сигурен извор.
Еурактив пренесува девет члена од предлогот, вклучувајќи го и оној што предвидува „Косово и Србија да разменат постојани мисии“ кои ќе бидат воспоставени во седиштата на двете влади.
„Практичните прашања кои се однесув аат на формирањето на мисии ќе се разгледуваат посебно“, се вели во членот 8, кој се однесува на формирање постојани мисии.
Во членот 1 се вели дека „Косово и Србија ќе развиваат нормални, добрососедски односи меѓусебно засновани на еднакви права“.
„Косово и Србија ќе се водат од заедничките аспирации за членство во ЕУ“, се вели во член 2.
Во членот 3 стои дека „во согласност со ССА (Договорот за стабилизација и асоцијација) потпишан од двете страни, Косово и Србија ќе ги решаваат сите спорови меѓу нив исклучиво по мирен пат и ќе се воздржат од закана или употреба на сила“.
„Тие ја потврдуваат неповредливоста сега и во иднина на границите/границите кои постојат меѓу нив и се обврзуваат целосно да го почитуваат меѓусебниот територијален интегритет“, член 3.
Во членот 4 се вели дека „Косово и Србија произлегуваат од претпоставката дека ниту една од двете страни не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име“.
Петтиот член предвидува дека „Косово и Србија ќе ги промовираат мирните односи во Западен Балкан и ќе придонесат за регионалната безбедност и соработка во Европа“.
„Косово и Србија постапуваат со взаемно почитување на јурисдикцијата на секоја страна“, се вели во членот 6, а пренесува Еурактив.
Како што е наведено во членот 7, Косово и Србија „ја декларираат својата подготвеност да ги регулираат практичните и хуманитарните прашања во процесот на нормализирање на нивните односи“.
„Тие ќе склучат договори за развој и унапредување врз основа на овој Договор и за взаемна корист од соработката во областа на економијата, науката и технологијата, сообраќајот, судските односи, поштата и телекомуникациите, здравството, културата, спортот, животната средина и во други области“. Деталите се договорени во Дополнителниот протокол“, се вели и во членот 7 од француско-германскиот предлог.
„Косово и Србија се согласуваат дека овој Договор нема да влијае на билатералните и мултилатералните меѓународни договори и договори што тие веќе ги склучиле или кои се однесуваат на нив“, се вели во членот 9 од предлогот.
МИА