Вучиќ ја стави српската војска во состојба на готовност поради Косово

Белград, 1 ноември 2022 (МИА) – Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека по наредба на претседателот Александар Вучиќ, војската на Србија е во состојба на готовност и дека е подигнато нивото на борбена готовност поради ситуацијата на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучевиќ во гостувањето на телевизијата Хепи изјави дека Србија е сериозна земја и затоа никој не треба да игра „воени игри“.

„Не можеме да бидеме опуштени, а се залагаме за дијалог“, посочи тој.

Тој рече дека армијата е подготвена да ја изврши секоја наредба на Вучиќ, кој е нејзин врховен командант, заштитувајќи ги сите граѓани на Србија, вклучително и Србите на Косово, „и во тоа никој не треба да се сомнева“.

Прочитајте и:  Извештај на ЕК: Без санкции против Русија, приближување со Кина - се отвора прашање за стратешката насока на Србија

„Србија е за дијалог. Подобро е да се преговара илјада дена, отколку еден ден да се биде во ров“, рече Вучевиќ.

Тој предупреди дека кога Србија зборува за мир и стабилност, тоа не значи дека е слаба или кукавица, бидејќи нејзината армија е многукратно посилна отколку што била, и дека постапува според наредбата на шефот на државата и претседателот.

- Реклама -