Орбан: Им ископавме јама на Русите, па самите паднавме во неа

Будимпешта, 28 октомври 2022 (МИА) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека санкциите на Брисел против Москва не ги исполниле очекувањата и дека Европа паднала во јамата што самата ја ископала за Русија.

„Санкциите не функционираа како што очекуваше Брисел кога ги воведе. Смисливме план да им ископаме јама на Русите, а потоа паднавме во неа“, изјави Орбан.

Во интервју за унгарското радио „Кошут“, Орбан изјави дека на последниот самит на ЕУ се зголемиле тензиите меѓу земјите-членки, но и дека сѐ погласни се барањата за мирно решение на украинската криза, пренесе МТИ.

„Порано или подоцна, здравиот разум ќе надвладее“, рече тој.

Унгарскиот премиер додава дека долгорочно решение меѓу Украина и Русија може да се постигне само преку договор.

Прочитајте и:  Украина: Се бориме за целосно ослободување на окупираните територии

„Завршувањето на војната без јасен договор само ќе ја одложи за годините што доаѓаат“, рече Орбан.

Премиерот посочи дека западните земји кои ја поттикнаа војната ќе мора да ги платат сметките за обнова на Украина.

„Тоа е незамисливо голема бројка“, нагласи Орбан.

Орбан заклучил дека Украина и пред војната не можела самостојно да заработи доволно пари за да го финансира нормалното функционирање на земјата и дека по конфликтот дефинитивно ќе биде во поголем економски проблем.

- Реклама -