Србија привремено ја затвора амбасадата во Киев, Кина со повик до граѓаните да ја напуштат Украина

Белград, 16 октомври 2022 (МИА) – Амбасадата на Република Србија во Украина од безбедносни причини ќе биде привремено затворена, а персоналот на тоа дипломатско-конзуларно претставништво во Киев ќе продолжи да работи од Белград до исполнување на условите за враќање, јави дописникот на МИА од Белград.

„За сите граѓани на Србија кои сѐ уште се наоѓаат во Украина, помош ќе имаат нон-стоп во наредниот период, а можат да се обратат на посочени телефонски броеви или да пишат на е-маил адреса“, се наведува во соопштението на српското МНР.

Во него се додава дека за секаква помош и соработка им стојат на располагање амбасадите на Србија во земјите кои се граничат со Украина.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

И кинеското Министерство за надворешни работи ги повика граѓаните на таа земја да ја напуштат територијата на Украина, објави на Твитер кинеската државна агенција Глобал Тајмс.

Граѓаните на Народна Република Кина кои се во Украина се повикани „да ги зголемат мерките на претпазливост и да се евакуираат“, а амбасадата на земјата е подготвена да обезбеди помош во организирање на заминувањето, се наведува во соопштението.

Покрај Кина, како што пишуваат срспките медиуми, „на евакуација наводно повикале и Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Туркменистан, Таџикистан, Белорусија и Египет, но тоа е невозможно со сигурност да се потврди“.

- Реклама -