Зеленски: Имаме работа со терористи, но Украина ќе постои и по нив

Русите „се обидуваат да ја уништат“ Украина и да ги избришат Украинците од лицето на Земјата, реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово по ракетните напади ширум земјата кои ги изврши Москва како одговор на, според рускиот претседател Владимир Путин, „терористичките напади“ на руска територија, како оној на мостот на Крим.

„Ги уништуваат нашите луѓе кои спијат дома во Запорожје. Убиваат луѓе кои одат на работа во Дњепар и Киев. Воздушната тревога не стивнува низ цела Украина. Тие се обидуваат да нѐ уништат и да нѐ избришат од лицето на Земјата“, рече Зеленски.

Алудирајќи на Русите, тој порача дека Украина се бори со терористи.

„Утрото е тешко. Имаме работа со терористи. Десетици проектили, ирански ‘Шахиди’. Тие имаат две цели – едната цел се енергетски капацитети низ целата држава, а другата цел се луѓето“, рече Зеленски во видео-обраќање.

Тој потврди дека се извршени напади во Киев и регионот Хмелницки, Лвов и Дњепар, Виницја, Ивано-Франковскиот регион, Запорожје, Суми, Харков, Житомир, Кировохрад, во јужниот дел на земјата.

„Сакаат паника и хаос, сакаат да ни го уништат енергетскиот систем. Тие се безнадежни. Втората цел се луѓето. Вакво време и вакви цели се специјално избрани за да предизвикаат што поголема штета“, потенцираше украинскиот претседател.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Тој ги повика Украинците денеска да останат во засолништа и секогаш да ги следат безбедносните правила.

„И секогаш запомнете: Украина постоеше пред да се појави овој непријател, Украина ќе постои и после него“, додаде тој.

Во синоќешното обраќање, пак, Зеленски го повтори својот став дека е невозможно да се преговара со Русија, бидејќи нејзиниот „тероризам на државно ниво“ ги оневозможува преговорите.

„Континуираниот тероризам врз цивилното население е очигледно отфрлање на Русија од вистинските преговори“, рече Зеленски, посочувајќи дека „тероризмот на државно ниво е едно од најтешките меѓународни злосторства“.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските разузнавачки служби за нападот на мостот Керч до Крим, нарекувајќи го „терористички чин“ врз важна инфраструктура.

„Нема сомнеж дека ова е терористички акт чија цел е уништување на исклучително важна руска цивилна инфраструктура“, рече Путин.

„Путин ја обвинува Украина за тероризам? Звучи цинично дури и за една Русија. Тука постои само една терористичка држава и цел свет знае која е таа“, одговори советникот на Зеленски – Михајло Подољак, на Твитер.

Извор: МИА

- Реклама -