Рјабков: Отворен конфликт со САД и НАТО не е во интерес на Русија

Москва, 23 септември 2022 (МИА) – Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека Москва никому не се заканува со нуклеарно оружје, како и оти отворен конфликт со САД и НАТО не е во интерес на Русија, пренесоа државните агенции.

„Никому не му се закануваме со нуклеарно оружје. Критериумите за негова употреба се наведени во руската воена доктрина“, рече Рјабков на денешната прес-коференција.

Рускиот претседател Владимир Путин оваа седмица му порача на Западот дека „не блефира“ кога вели дека ќе употреби нуклеарно оружје доколку биде загрозен територијалниот интегритет на Русија.

Сепаратистичките власти во четири украински региони контролирани од руската војска одржуваат референдуми за тоа дали да се приклучат на Русија.

Путин рече дека го поддржува таквиот потег, а веројатно Русија ќе ги анектира тие области што сочуваат 15 отсто од вкупната територија на Украина.

Прочитајте и:  Џентилони: Г7 ќе има рамковен договор за заем од 50 милијарди долари за Украина до октомври

Руските власти, вклучително и поранешниот претседател Дмитриј Медведев, изјавија дека штом регионите ќе бидат присоединети кон Русија, секој напад на украинските сили врз нив ќе се смета за напад врз Русија.

Според руската нуклеарна доктрина, Москва може да користи нуклеарно оружје доколку Русија се соочи со „егзистенцијална закана“.

Но, Рјабков рече дека Русија не бара „отворен конфликт” со Соединетите Американски Држави или НАТО и оти не сака натамошна ескалација на ситуацијата.

„Се надеваме дека и администрацијата на Бајден е свесна за опасноста од неконтролирана ескалација на конфликтот во Украина“, рече тој.

- Реклама -