Земан: Русија стана ирационална, Путин можеби не блефира

Прага, 23 септември 2022 (МИА) – Чешкиот претседател Милош Земан предупреди дека руската политика станува сѐ поирационална и оти е можно Владимир Путин да не блефира кога му се заканува на светот со нуклеарно оружје.

„За жал, ирационалноста е сè поприсутна во руската политика. Токму затоа не се осмелувам да тврдам дека заплашувањето со нуклеарно оружје е само блефирање. На крајот на краиштата, самиот Путин во своето обраќање јасно кажа: Јас не блефирам“, изјави Земан во интервју за чешкиот дневен весник Млада Фронта Днес.

Според чешкиот претседател, делумната мобилизација во Русија е резултат на руските воени неуспеси во Украина и нагласи дека ниту една демократска земја не може да ги признае референдумите кога тие се организираат под вооружен притисок.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

„Опасни се тие закани со нуклеарно оружје под многу провиден изговор: овие окупирани територии се руски по референдумот и во согласност со нашата доктрина, ние сме должни да ја браниме руската територија со какво било оружје. Референдуми организирани под вооружен притисок не можат да бидат признаени од ниту една демократска земја“, рече Земан.

- Реклама -