ВМРО-ДПМНЕ: Џафери измисли небулозни причини да ја отфрли Иницијативата за референдум, но од народната казна никој не се спасил… нема ни СДСМ

„Џафери си го приватизира Собранието и уште еднаш покажа власта дека се плаши од народ и затоа беа приморани да измислат небулозни причини да ја отфрлат иницијативата за Референдум“, изјави денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски.

Тој повтори дека, како што велат од партијата, работа на претседател на Собрание не е да толкува Устав, тоа е работа на Уставниот суд. Отфрлањето на иницијативата за Референдум е поради измислени и противправни причини, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ.

„Референдум на државно ниво може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието односно претходен Референдум и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓани за други прашања за кои одлучувало Собранието тоа е дополнителниот Референдум, ова е чл.24 од Законот за референдум, кој Талат Џафери вчера со неговата одлука за отфрлање на Иницијативата за распишување на Референдум за поништување на Законот за ратификација на договорот со Бугарија го прекрши“, посочи Мисајловски, додавајќи дека одлуката на Џафери за одбивање на иницијативата е незаконска, а неговото објаснување е правно неиздржано, небулозно и не содржи правна подлога.

„Антимакедонската СДС и ДУИ преку Талат Џафери прават правни гимнастики за да го избегнат народот, затоа што знаат дека над 60% од Македонците го поддржуваат и ќе излезат на Референдумот кој би се организирал“, обвини Мисајловски.

„Прашањето на ВМРО-ДПМНЕ не ја менува содржината на договорот, туку го оспорува законот со кој се ратификува билатерален договор и се прогласува за важечки на територија на Република Македонија со сила на закон. Со поништување на Законот за ратификација на договорот, истиот ќе престане да важи за Република Македонија, зашто согласно нашиот Устав меѓународните договори мора да бидат ратификувани како закони. А, со тоа и ќе престанат сите негации на Македонија за јазикот, историјата и идентитетот, и би се пристапило кон репреговарање, но достоинствено“, рече тој.

Според него, власта, со отфрлањето на Иницијативата, бега од народот затоа што се свесни за две работи: Првата е затоа што знаат дека ќе има излезеност, втората е затоа што знаат дека народот е против Договорот со Бугарија, кој е извор на асимилација која, како што рече, СДС и Ковачевски ја спроведуваат.

„Талат Џафери со оваа своја одлука, наместо чувар на Уставот, стана шампион во кршење на истиот“, додаде Мисајловски.

Прочитајте и:  Деманг на Дрин Ахмети на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Лефков

Од ВМРО-ДПМНЕ сумираат дека Џафери и власта не се во право по најмалку два основа: 1. Џафери не е Уставен судија да толкува Устав, и 2. ова е билатерален договор, каде се спори законот за ратификација кој има сила на закон, а не меѓународен договор. Со поништувањето на Законот за ратификација ќе престанеше важењето на договорот со Бугарија, зошто меѓународните договори важат само доколку се ратификувани, велат од опозицијата.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа и аргументот на власта дека не треба да има референдум бидејќи би чинел 8 милиони евра во време на криза.

„Владата не сака да спроведе референдум за да не потроши пари, а во исто време не и беше проблем што троши 400 илјади евра за вински фестивал“, посочија од партијата.

Сепак, тие ѝ порачаа на власта дека нема да побегне од „народната казна“.

„Талат Џафери и неговите ортаци од антимакедонската СДС врска немаат со Устав, право, закони и демократија. Единствено што знаат е да ги погазуваат и кршат.

Се потврди дека антимакедонската СДС има уплав од соочување со народот. Се потврди дека заедно со Талат Џафери ќе направат сѐ за да го избегнат референдумот на кој народот ќе каже што мисли за штетниот договор со Бугарија.

Знае антимакедонската СДС дека народот во огромно мнозинство е против изворот на асимилаторската и негаторска политика насочена кон Македонија, па заедно со Талат Џафери се претворија во уставни судии и самоволно одлучија да го толкуваат и газат Уставот. Прават сѐ само за да не го слушнат народот и да му ја спасат кариерата на Ковачевски. Но во очајот и нервозата уште повеќе се заплеткаа.

Референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е во согласност со чл.24 од Законот за Референдум, и не е во спротивност со Уставот. Ова референдумско прашање не го менува Договорот, туку се спори Законот за ратификација со кој тој се прогласува за важечки.

Очигледен е стравот на власта предводена од Ковачевски. Со ваквиот кукавички потег тоа само го потврдија. Може да бегаат, но нема да избегаат од народната казна. Народот никој не го поразил. Од народната казна никој не се спасил, па ни антимакедонската СДС, ни Ковачевски“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -