По „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ се формира ад-хок тело за здруженија именувани по историска личност, како привремено решение до носењето на нов закон

Членовите на Владата, на предлог на Министерството за правда, денеска на редовната седница ја усвоија информацијата за иницирање меѓуресорско ад-хок тело како привремено решение до донесување на нов закон за здруженија и фондации.

„Со оглед на тоа што Министерството за правда не води регистар на историски личности постои потребата од преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата кои во името имаат историска личност и формираното тело ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи“, информира владината прес-служба.

Формирањето на ад-хок тело утрово го најави министерот за правда Никола Тупанчевски, одговарајќи на новинарско прашање дали може да се спречат формираните бугарски здруженија во земјава.

„Мој предлог би било да се формира ад хок тело, меѓуресорско, што ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на којшто ќе се формираат. Во таа насока мислам дека ќе биде намалена можност да се злоупотребуваат одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи“, рече Тупанчевски.

Прочитајте и:  Муцунски: Неопходен е праведен и транспарентен процес на евроинтеграција заснован на меѓусебна почит

На 15-ти месецов, Министерството за правда најави состанок на Работната група на кој ќе се дискутира за новиот Закон за здруженија и фондации, откако изминатиот период во јавноста се отвори прашањето за издавањето на дозволи за регистрирање на здруженија со спорни имиња на историски личности.

„Целта на овие измени на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на статусот на организацијата од јавен интерес, регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање. Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување“, појаснија од Министерството за правда.

Извор: МИА

- Реклама -