Петровска: Донацијата за Украина не влијае на нашата Армија, ние сме дел од колективниот систем на безбедност

Тенковите кои се дел од трите одлуки за донација на воена помош и вооружување за Украина се транспортирани и со нивната донација не се нарушува борбената готовност на нашата Армија, изјави вечерва министерката за одбрана Слајанка Петровска.

Во „Тема на денот“ на ТВ „Сител“, Петровска посочи дека Министерството за одбрана досега од почетокот на агресијата врз Украина, донело три политички одлуки во Владата што сѐ уште се класифицирани заради безбедносни прашања, меѓутоа многу скоро, најави министерката, на нејзин предлог, како што рече, ќе бидат декласифицирани и во соодветна форма ќе ѝ биде соопштено на јавноста што точно е тоа што сме го донирале.

Сепак, Петровска нагласи дека се работи за „трета генерација неперспективна опрема, која за кусо време ќе требаше да биде предмет на уништување“.

Појаснувајќи зошто се класифицирани одлуките, Петровска посочи дека на почетокот сите земји кои донираа објавуваа транспарентно, но потоа следувала замолница тоа да не биде толку транспарентно поради безбедносни причини.

„Кога ќе ја донесете одлуката и кога ќе ја дадете содржината што сѐ донирате, потоа следи процесот на транспорт на таа опрема. И тоа, се разбира, може во вакви околности да претставува и безбедносен ризик. Тоа е единствената причина“, рече Петровска.

Во однос на тоа зошто донацијата не влијае на нашата Армија, Петровска посочи дека во процесот на пристапување на земјава во НАТО правени се многубројни планови во однос на тоа каква ќе биде структурата на нашата Армија, но и за тоа што значи борбена готовност на нашата Армија и каков вид на вооружување ние треба да поседуваме. Во тие планови, додаде, е предвидено точно кои капацитети ние ќе ги развиваме и во таа насока се направени и сите останати планови за модернизација на Армијата, но и долгорочниот план за развој на одбранбените способности.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина можеби ќе треба да почека и да го надживее Путин за да си ја врати територијата

„Не треба да заборавиме дека откако сме земја членка на НАТО, нашата безбедност ја делиме заедно со останатите земји членки и ние сме дел од колективниот систем на безбедност“, подвлече Петровска.

Одговарајќи на прашање на тема модернизација на армијата, Петровска најави дека ќе се набавуваат нови мултифукционални хеликоптери на база на западна платформа. Тоа е на линија на плановите за развој на одбранбените способности и капацитети на нашата Армија, рече министерката. Петровска истакна и дека освен оние шест оклопни возила кои беа испорачани во земјава, очекуваат испорака на уште 27 такви возила.

„Во поглед на набавката на системот за противвоздушна одбрана, договорот е веќе финализиран. Јас на почетокот на септември ќе одам во Париз на еднодневна посета, каде заедно со министерот за одбрана на Франција ќе го потпишеме овој договор. Останатите договори се во понапредна фаза“, рече Петровска.

Извор: МИА

- Реклама -