Ахмети со честитка до граѓаните: Во овие 20 години покажавме дека знаеме да водиме и насочуваме големи процеси за доброто на сите граѓани

„Почитувани граѓани, започнуваме ново поглавје. Секогаш сме докажале дека заедно можеме да го надминеме секој предизвик. Европа е нашиот дом и немавме друг избор и покрај препреките низ кои поминавме“, порача лидерот на ДУИ – Али Ахмети, во честитката до сите граѓани по повод одржувањето на првата меѓувладина конференција со Европската Унија во Брисел.

Како што истакна Ахмети, ова е важен момент кој значи деблокирање на евроинтегративниот процес.

„Во овие 20 години покажавме дека знаеме да водиме и насочуваме големи процеси за доброто на сите граѓани со голема поддршка од нашите меѓународни сојузници, особено од Брисел и Вашингтон.

Со храбри и мудри одлуки решивме предизвици кои за некои изгледаа како невозможна мисија и затворивме отворени билатерални прашања“, истакнува Ахмети.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

Притоа, вели, во ниту еден случај не отстапиле од европскиот курс, од реформите и изградбата на добрососедските односи и регионалната соработка. Остануваат посветени, вели, на спроведувањето на реформските процеси и постигнатите договори.

„Патувањето секако не беше лесно, но не беше и невозможно бидејќи нашата ориентација кон големото европско семејство беше јасна.

Ја користам оваа прилика да им честитам на сите наши граѓани за почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, со што ќе ви обезбедиме јасна перспектива, безбедност во земјата и регионот како и пошироко, а со една единствена цел за поголема благосостојба за идните генерации.

Продолжуваме напред со целосна храброст, одлучност и максимална посветеност!“, порачува Ахмети.

- Реклама -