Поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ЛДП недвосмислено се залага за целосно полноправно членство на нашата земја во Европската Унија, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини, како и сите други 27 земји членки на Унијата, заклучи Централниот одбор на Либерално демократската партија во врска со информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на земјава со ЕУ предложена од страна на француското претседателството со Европскиот советна 30 јуни 2022 година.
„ЛДП смета дека Владата на Република Северна Македонија треба да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси. За ЛДП, Преговарачката рамка треба да ги вгради европските принципи и стандарди, како и Копенхашките критериуми, но не и билатерални прашања и не културни, јазични, историски и идентитетски прашања“, се наведува во заклучоците на ЦО на ЛДП.
ЦО потенцира дека партијата се залага Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара под никакви услови и тоа претставува наша црвена линија и преговорите мора да се водат врз основа на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.
„Во однос на Информацијата на Владата на Република Северна Македонија за документите од ЕУ (Општ став на ЕУ, Преговарачка рамка, Заеднички став на ЕУ и Заклучоци на Советот на ЕУ) во заклучоците да се вградат следните предлози на ЛДП: ЛДП смета дека од преговарачката рамка мора да се изостават сите евентуални билатерални прашања наметнати од Бугарија и секој обид за вметнување такви прашања е неприфатливо и ЛДП нема да поддржи било каков напор од таква природа. За ЛДП, билатералните записници (протоколи) кои ги потпишуваат Република Северна Македонија и Република Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, не смеат да се однесуваат на евроинтегративниот процес и сите прашања мора да се усвојат со апсолутен консензус, билатерален, и домашен. ЛДП се залага на првата Меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворање на поглавјата. Бараме од Владата на Република Северна Македонија континуирано да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечната усогласена Преговарачка рамка и другите документи кои што ги усвојува Советот на ЕУ, како и за целиот процес“, се додава во заклучоците.
Според ЦО на ЛДП, како промотор на европска Македонија, партијата и ќе остане цврсто на таа своја определба, но никогаш по цена на културните, јазичните, историските и идентитетските особености на македонскиот народ.
„ЛДП бара обврзување на Владата и сите институции, дека за време на водењето на пристапните преговори со ЕУ, преговарачките тимови безусловно и категорично ќе ги почитуваат јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои нема да се преговара под никакви околности. ЛДП бара активно учество во преговарачкиот тим за водење на преговорите со ЕУ, но и на билатералната Комисија со Република Бугарија за да ги следи и спроведува горенаведените заклучоци“, се додава во заклучоците.
ЦО на ЛДП потенцира дека партијата застапува либерални проевропски политики и го почитува ставот на секој нејзин член во согласност со личните убедувања по однос на различни прашања и својот демократски капацитет го има докажано.
„НЕ за било каква билатерализација на нашиот европски пат и тоа нема да го дозволиме, ДА за Европа. Како поединци и како ЛДП ќе продолжиме да ги промовираме јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ и нема да дозволиме да се оспорат или воопшто да бидат дел од процесот на преговори за членство во Европската Унија“, се додава во заклучоците на ЦО на ЛДП.