Средба на Пендаровски со Фон дер Лајен: „Прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите“

Претседателот на државата – Стево Пендаровски, се сретна со  претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Скопје по повод собраниската расправа за францускиот предлог, пред која и таа самата ќе има обраќање во македонскиот парламент.

Како што информираат од кабинетот на Пендаровски, на средбата било разговарано за актуелните политички состојби во земјава и процесите поврзани со европските интеграции. Претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен, се наведува, потврдила дека со првата меѓувладина конференција којашто треба да се одржи набрзо, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш започнува скрининг процесот.

Исто така, со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, најбрзо што е можно ќе се пристапи кон потпишување на билатерални договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на останатите службени јазици на Унијата.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Претседателот Пендаровски, пак, го реафирмирал ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на државата.

Во тој контекст, Пендаровски потенцирал дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската Унија, соопштија од неговиот кабинет.

- Реклама -