Трајанов: Нема суштински промени во францускиот предлог, вградени се сите бугарски барања, потребно е да се види и чуе и гласот на народот

Нема суштински промени помеѓу првиот француски предлог и овој што е ревидиран. На суптилен начин се вградени сите бугарски барања и сега тие стануваат европски барања, смета лидерот на Демократски сојуз – Павле Трајанов. Сепак, во интервјуто за ТВ „Сител“, тој оценува дека сѐ уште не е ништо готово, бидејќи сепак се работи за нацрт верзија.

„Треба да се направат напори да не биде дел од преговарачката рамка сѐ што е наметнато од бугарска страна. Треба да ги имаме истите критериуми како и сите други земји што ги имале. Потребно е да се види и чуе и гласот на народот дали ќе го прифати тоа или не. Владата треба да респектира дека и многу од клучните експерти имаат сериозни забелешки на францускиот предлог“, порача Трајанов.

Демократски сојуз, истакна тој, инсистира да има широка расправа и граѓаните да бидат запознаени со предлогот и додаде дека се разговара и за идеја да се формира парламентарно меѓупартиско работно тело кое ќе подготви и усогласи заклучоци кои ќе бидат понудени на собраниска седница и потоа да почне расправа.

Прочитајте и:  Мицкоски за пренамена на средствaта за Коридорот 8: Жалам што Бугарија за внатрешно-политички потреби прави политика од сето ова

„Таа работна група треба да биде формирана што е можно побрзо и веднаш да почне да работи на заклучоци кои ќе бидат понудени на Парламентот. Ако се отфрли преговарачката рамка, сите партии да имаат заедничка одговорност“, посочи Трајанов.

Најконтроверзен дел од предлогот/пакетот, според лидерот на ДС, е протоколот кој сѐ уште се усогласува меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.

„Треба да се направат и одредени корекции во преговарачката рамка и сите билатерални прашања да бидат решени преку преговори и да бидат на реципрочна основа. Против тоа сум да се разговара со Бугарите за македонските револуционери. Ако Бугарите го чувствуваат некој дека е Бугарин, нека го слават, но треба да се тргнеме од заедничкото славење на историските личности. Историските прашања исто не можат да бидат дел од преговарачката рамка“, рече Трајанов и додаде дека преговарачката рамка треба да биде растоварена од сѐ она што значи билатерален проблем.

Извор: МИА

- Реклама -