Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, објави попладнево на Твитер претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел, откако францускиот претседател Емануел Макрон, на Самитот на НАТО во Мадрид, изјави дека е уверен дека е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.
„Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да“, додава Мишел во твитот.
Владата попладнево соопшти дека, преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, кој ќе „претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“.
Извор: МИА