Брнабиќ: Русија денес го прави она што некои други земји ни го направија во 1999 и 2008 година

Белград, 23 мај 2022 (МИА) – Премиерката Ана Брнабиќ изјави дека Србија во политичка смисла „јасно се има одредено“ кон конфликтот во Украина, во согласност со принципите на меѓународното право, јави дописникот на МИА од Белград.

„Србија го избра не само својот пат, туку и патот во согласност со сите принципи на меѓународното право. Ако го почитувате својот територијален интегритет, тогаш мора да го почитувате територијалниот интегритет на сите меѓународно признати држави. Сметаме дека е многу погрешно да се нарушува територијалниот интегритет на Украина“, изјави Брнабиќ на ТВ Хепи.

Таа повтори дека Србија е „единствената земја во Европа“ која нема воведено санкции кон Русија.

„Политички јасно кажавме каква е нашата позиција, но не се усогласивме со санкциите. Ова често се занемарува. И некои амбасадори заборавија дека не останавме целосно неутрални. Тие мора да имаат повеќе разбирање за нас кога станува збор за санкциите или да се борат за целосно почитување на нашиот територијален интегритет како што се борат за територијалниот интегритет на Украина“, рече Брнабиќ.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Таа оцени дека светот е во ситуација во која меѓународниот правен поредок се заснова на „владеење на силата“.

„Кога големите сили избираат која резолуција на ОН ќе ја почитуваат во целост, а која да ја прекршат, тогаш доаѓа до меѓународен правен поредок каде што имате само владеење на сила. Русија денес го прави она што некои други земји ни го направија нам во 1999 и 2008 година. Тие ги користат истите фрази, дека морале да нападнат за да спречат потенцијален геноцид“, изјави срспката премиерка.

- Реклама -