Турција „нема позитивно мислење“ за влезот на Финска и Шведска во НАТО, министрите на двете земји се надеваат на средба и разговори

Турција внимателно ги следи случувањата во врска со можното членство на Финска и Шведска во НАТО, но нема позитивно мислење за тоа, изјави денеска претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

„Турција нема позитивно да го поздрави приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО алијансата“, нагласи Ердоган, оквалификувајќи ја иницијативата како грешка.

„Немаме позитивно мислење. Скандинавските земји се како гостинска куќа за терористички организации. Во Парламентот постојат поддржувачи на тероризмот. Не можеме да бидеме позитивни кон ова“, изјави Ердоган по петочната молитва во Истанбул, јавија турските медиуми.

Министрите за надворешни работи на Шведска и на Финска – Ен Линде и Пека Хависто, по изјавата на турскиот претседател, изразија надеж дека ќе се сретнат со нивниот турски колега Мевлут Чавушоглу, во сабота во Берлин, и ќе имаат можност да разговараат за потенцијалните кандидатури на нивните земји за НАТО.

Турција вообичаено одржува добри односи со Финска, но имаше несогласувања со Шведска поради поддршката на скандинавската земја на сирискиот огранок на терористичката организација PKK-YPG и нејзиното противење на прекуграничните операции на Турција против терористичката група во северна Сирија. Конкретно, во јули 2020 година Турција го критикуваше онлајн состанокот меѓу шведскиот министер и припадниците на PKK-YPG, при што турското МНР оцени дека инцидентот „иницирал сериозен прашалник во врска со пристапот на Шведска кон борбата против тероризмот како прашање на приоритет“, наведува Анадолија.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

Во однос на НАТО, Турција (која, секако, има право на вето) традиционално ја поддржува политиката на отворени врати за натамошно проширување, но во однос на кризата во Украина Анкара држи неутрална позиција и ја презема улогата на посредник и домаќин за мировните преговори меѓу Русија и Украина, одржувајќи канали за комуникација со двете завојувани страни. Сепак, Турција од самиот почеток изразува поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Извор: МИА

- Реклама -