Ковачевски не може да ја коментира снимката од Џафери, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка, за Алијанса снимката е знак дека „режимот“ ќе падне

Премиерот Димитар Ковачевски ја погледнал снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието – Талат Џафери, но не може да ја коментира зашто, како што изјави денеска, од неа не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара.

„Таа снима ја погледнав, но се работи за некаков разговор на кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара. Затоа, од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можам да дадам конкретен одговор зашто на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува“, кусо одговори Ковачевски на новинарско прашање по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.

Во јавноста вчера излезе снимка на која се слуша Талат Џафери како разговара со вработени во Собранието. Веднаш реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде односот на собранискиот спикер кон вработените го оценија како „скандалозен и примитивен“, а пцовките и навредите како „недозволиви“.

„Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста Претседател на Собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени ги вреѓа и со најпогрдни пцовки малтретира вработените во Собранието“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, барајќи оставка од спикерот на Собранието со аргумент дека тој е пример за политичар кој треба да биде минато, а неговото однесување нешто што не смее никогаш да се повтори.

Според најголемата опозициска партија, односот на Џафери е и слика за тоа како се однесува оваа власт на СДСМ и ДУИ со вработените во институциите и народот воопшто.

„Кога крими коалицијата СДСМ и ДУИ нема аргументи, деспотот од Форино станува нервозен. Односот на Џафери е и слика како се однесува оваа власт на СДСМ и ДУИ со вработените во институциите и народот воопшто. Тие вработени кои Џафери ги пцуе се нечии синови, ќерки, мајки, татковци, сопружници“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде барањата за оставка на Џафери продолжија и денеска:

„Не постои друг чекор по примитивизмот на Талат Џафери освен негова оставка! Талат Џафери, со сиот негов примитивизам во Парламентот, е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом. На примитивизмот од Форино не му е местото во Собранието! За ваков примитивизам, насилство и вулгарности нема место во било кое Собрание, најмалку во македонското“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ (снимката од Џафери е на 9-та секунда во видеото).

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

За однесувањето на Џафери реагираа и од Алијанса за Албанците. Не само Џафери туку и другите функционери на ДУИ веќе подолго време на ист начин ги третираат и државните службеници и граѓаните, а често се обидуваат така да се однесуваат и со пратениците. Ваков мобинг и однесување има во повеќе институции, само што во Собранието му се слушна гласот (на Џафери), велат од опозицијата од албанскиот блок.

Според партијата, ваквото однесување „е типично однесување на режим, на диктатура, кои функционират само со страв и закани“.

„Но како што гледате, одамна ова не им поминува кај пратениците, а веќе почнале да реагират и да пријавуваат и службениците кои не трпат веќе диктатура. Наскоро и граѓаните ќе им го дадат одговорот и заедно сите ќе ги ослободиме од ваквиот брутален режим“, изјави за „Слободен печат“ координаторката на пратеничката група на Алијанса за Албанците – Илирие Даути.

Од кабинетот на Џафери не ја коментираат снимката (која, според информациите, е направена завчера попладне по гласањето на дневниот ред по завршувањето на седницата) и нема одговор дали собранискиот спикер чувствува одговорност за неговото однесување.

Сепак, како што посочува „Канал 5“, Џафери го прокоментирал настанот на почетокот на вчерашната собраниска седница, со образложение дека неговата реакција била изнудена:

„Да, ги избркав двајцата службеници кои што дојдоа овде пред да излезам јас од тука, не може он да се доближи тука ако не сум го повикал јас да дојде да ми донесе материјал. Да, тоа е фактичката состојба. Читај ги вашите портали ‘Талат Џафери им се заканил на обезбедувањето на Собранието дека ќе ги избрка од работа’… Аман те луѓе, барем тоа го знаете, дека кое е мое однесување“, рекол Претседателот на Собранието.

Од неговата партија – ДУИ, нема коментар за снимката, односно однесувањето на собранискиот спикер кон вработените во „домот на демократијата“.

- Реклама -