Со масовна мобилизација Путин може да направи грешка што ќе предизвика револуција во Русија, тврди експерт

Актуелна тема деновиве се плановите на рускиот претседател Владимир Путин околу прославите на Русија за Денот на победата в понеделник, конкретно дека, според Украина, тој ќе ја искористи годишната комеморација на победата над нацистичка Германија – 9 Мај, Денот на победата – за да соопшти масовна мобилизација на неговите резерви.

Независниот истражувач и експерт за Русија, Камил Галев, за Скај Њуз, сугерира дека постои реална можност рускиот претседател да се одлучи за таква опција, но смета дека таа е мала бидејќи, според него, тоа би било грешка со можни далекусежни последици за Владимир Путин.

„Судејќи според природата и навиките на Путин, јас би ја проценил можноста тој да декларира масовна мобилизација на 9 мај, на 20 отсто. Тој може да ги подигне влоговите на големо за ПР ефект и за зајакнување на неговиот легитимитет. Но, како и да е, најверојатно би било тешка грешка“, вели Галев.

Според него, Путин апсолутно може да декларира масовна мобилизација, но тоа ќе значи дека истата ќе биде спроведена во ситуација на речиси никаква инфраструктура и речиси никакви организациски капацитети за таква мобилизација, како и во рамките на воена доктрина што ефективно ја исклучува можноста за таква мобилизација.

Прочитајте и:  Француската брза железница мета на „координирани акти на саботажа“, непосредно пред отворањето на ОИ

Во случај на целосна мобилизација, тоа би значело преполни касарни и објекти за обука, со огромен број на недоволно мотивирани регрути, под слабо раководство, појаснува Галев.

Овие регрути знаат дека ќе бидат испратени во Украина, каде најверојатно ќе завршат како KIA (убиени во акција/killed in action), посочува експертот, оценувајќи дека тоа е основа за револуција.

Во моментов, можноста за *успешен* масовен револт во Русија Галев ја проценува на „близу до нула“. Во случај на масовна мобилизација, смета тој, таа можност ќе се искачи „до небото“.

„Ќе има тони вооружени луѓе со непосреден личен интерес за соборување на режимот“, потенцира Галев.

Извор: МИА

- Реклама -