Лета бара итно формирање на Европска Конфедерација со 36 земји, меѓу кои и сите ЕУ аспиранти и Украина

Брисел, 6 мај 2022 (МИА) – Поранешниот италијански премиер Енрико Лета, во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, бара ЕУ итно да се трансформира во Европска Конфедерација со сите земји кандидати и аспиранти за членство во Унијата, меѓу кои и Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

МИА неодамна објави интервју со европратеникот Бернард Гета од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, во кое тој изложи идентична идеја, со што се потврдува дека во многу кругови на ЕУ сериозно се разгледува оваа опција, бидејќи Брисел е свесен дека на Украина мора да ѝ даде кандидатски статус, но и дека земјите од Западниот Балкан не можат да бидат запоставени.

Лета во интервјуто за белгиски „Ле Соар“ предлага „веднаш да се креира Европска Конфедерација со 36 земји“ – 27-те членки на ЕУ, шесте држави од Западниот Балкан и плус Украина, Молдавија и Грузија.

Лета, како и Гета, се залага за ЕУ со повеќе брзини, иако постојат разлики меѓу нивните идеи.

„Идејата е да имаме два круга, еден круг на ЕУ и еден поширок со Конфедерацијата. Во првиот круг не спречуваме да се оди понапред. На пример, со укинување на правото на вето и повеќе интеграција. Истовремено, 36-те земји би можеле да работат со полежерни правила. Тоа би било добра вежба за земјите кандидати. Додавам, и тоа е многу важно, дека тоа не значи автоматски влез во ЕУ. Може да имаме земји кои ќе влезат во Конфедерацијата, но не во ЕУ. Затоа што не сакаат или од политички причини. Тука мислам на прашањето Србија-Косово, на пример, кое мора да се реши и не може да се замисли членство во ЕУ пред негово решавање. Конфедерацијата не значи автоматски влез во ЕУ, но е предуслов за влез“, објаснува поранешниот италијански премиер за „Ле Соар“.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Европратеникот Гета, од своја страна, предлагаше дури и три круга на интеграција, но во секој случај и двајцата својата инспирација ја влечат од идеите на поранешниот претседател на Европската Комисија – Жак Делор, за концентрични кругови или повеќе брзини на интеграција во ЕУ.

Лета вели дека моделот на таа Конфедерација би бил Г20, кој не е резултат на Повелбата, туку е политички договор меѓу земјите.

„Што значи дека можеме веднаш, сакам да кажам ден откако ќе заврши војната, да организираме состанок на 36-те земји во Брисел. И втора фаза, склучување на „лабав“ договор меѓу 36-те и воден од Брисел. Тој договор може да се потпише пред крајот на годината и да се ратификува за неколку месеци во сите земји, не повеќе. Тогаш ќе можеме да имаме поформални состаноци благодарение на договорот, после оние по моделот на Г20“, објаснува Лета.

Италијанскиот политичар тврди дека оваа идеја не е алтернатива, туку паралелен процес на полноправното членство и дека Киев не треба да добие впечаток дека ЕУ не сака да ја прими Украина.

„Многу е важно да се даде сигнал на овие земји дека ќе влезат и се надевам дека ќе влезат. Мора да се избегне впечатокот дека Конфедерацијата е алтернатива за членството. Конфедерацијата е начинот подобро да се подготви членството“, вели Лета, додавајќи дека овој предлог го разработил во рамките на Институот Делор, како и во неговата левоцентристичка Демократска партија (ПД) во Италија, но е отворен и за други идеи.

- Реклама -