Пендаровски: Мора да имаме гаранција дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање на Софија

„Ние мораме да имаме некаква гаранција од Бугарија, уште подобро и од Брисел и целата Европска Унија, дека прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата ќе биде последното барање на Софија“, истакна претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ „Канал 5“.

Доколку Бугарија се обврзе дека нема да бара ништо дополнително околу тоа прашање, тогаш ќе се добијат двојни гаранции, истакна Пендаровски. Сепак, до овој момент, посочи тој, нема таков позитивен сигнал од бугарска страна.

„Ако вие ми кажете ‘ние сакаме да бидат гарантирани правата на Бугарите кои живеат во Република Северна Македонија’, јас немам проблем со тоа, меѓутоа на кој начин мислите? Бугарската страна смета дека тоа треба да се направи на самиот почеток – ‘ќе го смените Уставот, ќе ги ставите внатре и тоа ќе биде за нас најголема гаранција дека вие сте сериозни во почитувањата на правата на Бугарите кои живеат кај вас’. Јас мислам дека тоа е еден тип на уцена. Пред да почнеме да преговараме ти мене ме уценуваш. Ако ми велиш ‘дај ми гаранција дека ти ќе го промениш Уставот до тој и тој датум’, на ист начин ти ќе кажеш ‘ако ти го промениш Уставот до тој и тој датум, тогаш јас се обврзувам дека нема да барам ништо плус од ова во однос на ова прашање’. Тоа се двојни гаранции“, појасни шефот на државата.

Пендаровски истакна дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, оценувајќи го ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, (дека партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување) како сосема коректен.

„Го зборувам тоа со месеци. Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот. Тој е сувереноста, белегот на една држава. Да си играш мајтап и да го отвораш на секои две недели не е коректно“, рече Пендаровски, според кого ако Софија е сериозна, тогаш треба да потврди дека ова ќе биде нејзино последно барање и дека ако го исполниме нема да постави некое друго вето.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се објави за што се преговара со Бугарија, Пендаровски вели дека опозициската партија има легитимно право за вакво барање и дека и тој, кога би бил во опозиција, би го барал истото.

Од друга страна, шефот на државата е скептичен дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе може да се постигне договор со Бугарија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Немам намера да прифатам катастрофални грешки од минатото, прифатлива алтернатива за уставните измени е одложеното дејство

„Јас ви тврдам дека со сегашниот нивен став, нема да имплементираат ништо. Дај Боже да грешам, но знам што сега се зборува. Со овие ставови не правите договор со Бугарија“, заклучи Пендаровски.

Претседателот зборуваше и за разочараноста на народот во однос на ветото, при што посочи дека ако се дојде до добар договор со Бугарија, политичките лидери ќе мора да ги убедат и граѓаните дека тоа е добро за нашиот евроинтеграциски пат.

„Дај Боже да има добар договор, бидејќи ако нема добар договор од аспект на македонските национални интереси – тоа нема да го потпише никој жив во Скопје. И од тој аспект ќе мора да го убедуваме народот и да укажуваме како и за Преспанскиот договор. До сега такви позитивни сигнали од страна на Бугарија нема“, рече Пендаровски.

Во контекст на разочараноста, шефот на државата посочи и дека ако не добиеме датум за преговори во јуни, понатаму ќе биде многу тешко да се убедат граѓаните дека треба да се продолжи со истиот ентузијазам и сето она што се прави за евроинтеграцискиот пат. Шансите тоа да се случи (кревање на бугарската рампа до јуни), според него, се помалку од 50%.

„Тоа е пред сѐ поради однесувањето на другата страна. И јас дадов поддршка на новиот пристап. (Бугарскиот премиер Кирил) Петков направи неколку работи и ја подели целата билатералата на пет теми и историјата беше само една од темите. Тој сето тоа го направи на убав начин и разговаравме за повеќе теми. Шансите одат надолу затоа што за жал бугарската страна во последниот месец дена сака на голема врата да ја врати историјата. Не мислам на Петков, туку на други фактори во и надвор бугарската Влада“, рече Пендаровски.

Тој посочи дека нарушувањето во односите почнало откако ги примил на средба претставниците од ОМО Илинден Пирин.

„Само заради приемот на ОМО Илинден добивме канонада на квалификации и напади. Се вратија на стариот бугарски вокабулар. Мислам дека Петков, бидејќи беше фронтално напаѓан во Владата, и него му требаше да ја засили политичката референца“, рече претседателот на државата во интервјуто.

Според него, ниту една земја членка на ЕУ не ги разбира бугарските аргументи.

„Тие не се базираат на обична агенда. Тоа што ме загрижува е што не гледам вистински фокус на ЕУ кон проблемот. Не беа доволно активни дека Европа е геостратешки проект. Европа секогаш била и е почната како мировен проект. Не треба да се случи војната во Украина за да влеземе во ЕУ“, оцени Пендаровски за влијанието на Унијата во решавање на спорот со Бугарија.

Извор: МИА

- Реклама -