„Фајненшл Тајмс“: Кинески независни рафинерии „дискретно“ купуваат руска нафта по намалени цени

Независни кинески рафинерии дискретно купуваат руска нафта по намалени цени во време кога западните земји го прекинуваат купувањето и го зголемуваат бројот на ембарга за увоз поради инвазијата на Украина, пишува „Фајненшл тајмс“.

Како што се наведува во текстот, независните рафинерии со седиште во источна Кина не ги објавуваат јавно договорите што ги склучуваат со руските добавувачи на нафта, а тоа го прават со цел да се избегнат американските санкции.

Трговските компании главно одбиваа да потпишат нови договори за набавка поради страв од санкции. Кинеските државни компании за тргување со стоки сега им даваат на рафинериите дел од профитот за да купат руска сурова нафта. На овој начин, некои увозници ги заобиколија традиционалните рути за пристап до евтина руска нафта. Брокери и оператори увезуваат по два милиони барели сурова нафта секој ден, пишува „Фајненшл Тајмс“, пренесува МИА.

Логистичката и монетарна загриженост на Кина е поттикната од санкциите воведени кон Русија, бидејќи постои опасност тие да влијаат и на кинеските рафинерии, кои тесно соработуваат со руските добавувачи на заеднички проекти, се наведува во текстот.

Од почетокот на овој месец Кина купува 86.000 барели сурова нафта дневно повеќе од претходниот годишен просек.

„Природно е да се претпостави дека Кина ќе купи повеќе руска сурова нафта, но последиците од санкциите врз Русија се многу потешки за Кина отколку, да речеме, за Индија“, рече Џејн Си, висок аналитичар во Кплер.

Кинеската економија е најмногу погодена од американските санкции против Русија кои се однесуваат на држави и поединци кои тргуваат со руски производи или преработуваат суровини со потекло од санкционираната земја.

МИА

- Реклама -