Шефот на кабинетот на Зеленски: Изјавата на Лавров докажува дека Русија е закана за Евреите секаде во светот

Неодамнешните изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за еврејската крв на Адолф Хитлер, докажуваат дека Москва претставува закана за Евреите насекаде и се граничи со негирањето на Холокаустот, изјави Андриј Јермак – шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Тоа повторно покажа дека Русија претставува егзистенцијална закана, не само за Украина со најмалку 100.000 Евреи, туку и за целата еврејска нација низ светот“, истакна Јермак за израелскиот весник „Тајмс оф Израел“.

Јермак, кој и самиот е од еврејско потекло, раскажа и како членовите на семејството на неговиот татко, Евреин роден во Киев, биле убиени во масакрот во Бабин Јар во септември 1941 година, кога нацистите и нивните локални сојузници убија 33.000 Евреи.

Јермак ги повика Израел и еврејските организации да одговорат на изјавите на Лавров поддржувајќи ја реакцијата на Зеленски, кој алудираше дека Израел треба да го намали нивото на односите со Москва. Засега не е јасно дали предизвиканиот јаз ќе има пошироки дипломатски последици или ќе влијае на одлуката за проширување на помошта за Украина. Јермак, сепак, очекува изјавите на Лавров, но и, како што рече, „воените злосторства на Русија кои сѐ повеќе се очигледни“, да ја поттикнат Владата на Израел да заземе проукраинска позиција.

Лавров во неделата за италијанска телевизија, прашан како тоа Русија ја денацифицира Украина кога и самиот Зеленски е Евреин, изјави дека „Хитлер имал и еврејска крв“ и дека „некои од најлошите антисемитисти се Евреи“ и оттаму, според него, тоа што Зеленски е Евреин не го негира „фактот“ дека во Украина има нацистички елементи.

Прочитајте и:  Лавров: Зеленски се исплаши од одговорот на Русија

Изјавата беше остро критикувана, вклучително и од Израел, од каде реагираа дека да се тврди дека Хитлер бил Евреин имплицира дека Евреите сами себе се убивале и уништувале. Реагираше и претседателот на Меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем во Ерусалим – Дани Дајан, кој покрај осуда за изјавата на Лавров, додаде и дека е опасно Украинците да се нарекуваат „нацисти“, бидејќи „тоа го искривува терминот и им штети на жртвите на нацизмот“.

Тврдењата на Лавров како „шокантни“ ги критикуваше и главниот руски рабин – Берел Лазар, кој сугерираше и дека шефот на руската дипломатија треба да се извини:

„Не се сметам себеси за компетентен да му давам совети на шефот на руската дипломатија, но би било убаво тој да им се извини на Евреите и едноставно да признае дека згрешил“, рече Лазар, кој има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Вчера и францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, ја осуди „руската историска манипулација“ за наводното еврејско потекло на Хитлер, посочувајќи дека тоа е теорија на заговор и дека историчарите се многу скептични околу вистинитоста на таквото тврдење. Во објава на Твитер, Ле Дриан напиша дека реториката на Лавров е „одвратна и неприфатлива“ и вети дека Франција ќе продолжи да се бори против руските дезинформации за војната во Украина.

Извор: МИА

- Реклама -