Активната блокада на Собранието ќе се спроведува сѐ додека актуелната власт не седне и не се постигне договор за одржување предвремени парламентарни избори, изјави денеска во Карбинци лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
На новинарско прашање во врска со изјавата на СДСМ дека во време на криза не треба да се блокира Собранието, Мицкоски оцени дека со таа изјава владејачката партија признала дека државата е во криза.
„СДСМ со таа изјава признаваат дека Македонија е во криза, а во оваа криза тие наместо да се обратат на најголемата политичка партија со најголемата пратеничка група, со најголемиот број градоначалници, тие одлучија да молчат. Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција. Јас на самата прес-конференција кога го најавив ова, кажав дека за сѐ понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност – ова нема, ќе повторам, да трае 1-2-3-5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци, сѐ додека оваа Влада конечно не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Во однос на забелешките дека недомаќински е да се организираат избори во време на економска криза, тој праша дали било домаќински да се закажуваат локални избори во Центар Жупа и Маврово-Ростуше без консултации со опозицијата, ако, како што рече, „знаевме дека нема да успеат како што и не успеаја“.
„Избори треба да се организираат час поскоро за да излеземе од оваа криза“, категоричен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, според кого оваа Влада нема капацитет да се справи со кризата.
Во однос на активната блокада на Парламентот, тој појасни дека истата ќе се однесува на сѐ освен на оние закони кои се однесуваат на помошта кон граѓаните за повисоки плати и пензии.
Најави дека вечерва на состанок на ИК на партијата ќе ја презентира идејата пред членовите, за што ќе информираат во текот на седницата, како и за следните чекори.
„Ако мислите дека тука ќе завршиме, нема да завршиме тука. Ова ќе биде процес во којшто треба комплетно да ја принудиме оваа Влада раководена од 15 пратеници на ДУИ и администрирана од Ковачевски и СДСМ да замине. Во најмала рака, ова е процес којшто ќе трае повеќе месеци сѐ додека оваа неразумна Влада не се вразуми. Однапред им се извинувам на граѓаните за сето она кое што ќе следи во периодот пред нас, но мора да нѐ разберат, поддршка ни е потребна, охрабрување ни е потребно од нив. Иднината на Македонија ќе ја кројат граѓаните на Македонија“, рече Мицкоски.
МИА